Концертен блесок со виолончелото на Шаповалов

По успешниот старт  на 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“  со настапот на светската виолинистка Ванеса Меј, и серијата концерти на исклучително добри музичари, фестивалската програма вчеравечер донесе незаборавни мигови за публиката со концертот на познатиот руски виолинист Денис Шаповалов кој музицираше заедно со неговиот колега и сонародник, пијанистот Алекандер Вершинин.

Шаповалов на подиумот во „Света Софија“ покажа неверојатна техника на музицирање и исклучителна експресивност.

-Првпат настапувам овде. Порано сум одржал концерти во поранешните југословенски републики, во  Хрватска, Србија, во Црне Гора и Словенија, но среќен сум што сум и тука. Македонија и Охрид ги чувствувам со срцето. Што се однесува до мојот настап, можам да кажам дека имавме прекрасен концерт насловен како „Магичната душа на челото“. Се испреплетоа прекрасни гласови, бои, тонови, дела од Чајковски, француска музика од Дебиси, италијанска музика, и сите композиции се обидовме да ги навеземе хит, по хит, изјави виртуозот на виолончело, Денис Шаповалов.

Вчерашната вечер што долго ќе се памети започна со Соната број 6 А-дур од Луиџи Бокерини, следуваа Концертните варијации на Феликс Менделсон, потоа Варијациите на тема од Росини од Бохуслав Мартину,а  вториот дел од концертот публиката уживаше во маестралната музичка интерпретација на делата Пецо капричиозо и Ноктурно од Пјотр Илич Чајковски, Унгарскиот танц од Јоханес Брамс, Вокализа, Прелудиум Г-дур од Сергеј Рахмањинов, во валцерот „Прекрасна вечер“ од Клод Дебиси. Музичката вечер на „Охридско лето“ беше заокружена со Скерцо од сонатата зан виолончело од Дмитри Шостакович и Марш од операта „Вљубен во три портокали“ од Сергеј Прокофјев.

Покрај како солист, Денис Шаповалов, гради кариера и настапува и како диригент, одржува мајсторски курсеви и компонира. Неговите дела се одлично примени од страна на критиката и публиката. Репертоарот на Вершинин пак, вклучува музика од различни жанрови, од класични дела се до џез импровизации. Особено внимание посветува на опусот на Александар Скрјабин,неговите последни дела, пет сонати и делницата за пијано од симфониската поема „Прометеј“.