Драмски театар Скопје носи премиера на „Охридско лето“

Драмски театар од Скопје вечерва на „Охридско лето“ премиерно ќе ја изведе театарската претстава „Несоодветно за на работа“ од Луси Кирквуд, а во режија на Доналд Ворен Мофет.

Драматург на претставата е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски,а асистент на сцеографот е Зоран Петровски. Костимографијата ја изработи Александар Ношпал, кореограф е Кренаре Невзати,а преводот од англиски јазик го направи Благоја Бошковски.

Во „Несоодветно за на работа“ што ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот, улогите ги играат Зоран Љутков, Ирена Ристиќ, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Дамјан Цветановски и Стефан Вијусиќ.

Низ серија екстремно луцидни и, за жал, на повеќето од нас толку познати и блиски сцени од корпоративното, во случајот, медиумско секојдневие, во „Несоодветно за на работа“ Кирквуд ни дава јасна слика за симптомите на едно метастазирано општество прикажувајќи ја немилосрдната експлоатација која почнува, завршува или се прекршува врз женското тело. Како и вообичаено, и самите жени често се покорни и/или амбициозни соучеснички во борбата чија единствена цел е победа врз послабите и профит по секоја цена и во која единствената сатисфакција произлегува од продолжувањето на патријархално-капиталистичкиот тренд на концентрација и задржување на (парите) моќта и искачувањето по корпоративната вертикала.


Неколкуте искри на бунт завршуваат вешто и подло загушени од центрите на моќ (прикажани преку бескрупулозните уредници/чки) во комбинација со економските околности (класната положба) на ликовите принудени да живуркаат во постојана (полу)прекарна состојба, па и по цена и на последните ронки човечко достоинство. Конечно, исклучена е речиси секоја надеж за некакво алтернативно постоење или ослободување од стегите на системот кој успева да ги измолзи постојните и целосно да се прилагоди на новите форми на „генерирање профит“ без да изгуби од суровоста.


Во свет на неизбежна и целосна комодификација кога веќе ни е јасно дека сите имаме „своја цена“, нѐ остава со дилемата дали е само илузија тоа што понекогаш наивно се тешиме дека „барем некои работи не се на продажба“.