Звучните уметнички имиња во светот на класичната музика, виолинистката Сихана Бадивуку и пијанистката Маја Кастратовиќ, по четири години повторно се вратија заедно на фестивалот „Охридско лето“, музицирајќи синоќа на концертниот подиум во црквата „Света Софија“ .
И двете поседуваат дарба да го пренесат волшепството на музичкото дело до публиката, споделувајќи ги со неа емоциите.
-Голема е честа повторно да настапиме како дуо и оваа година. Секогаш е незимерно задоволството што сме овде. Овој храм на музиката буди неверојатно силни емоции и звукот е божествен. Можноста да го споделиме нашиот свет со ценетата охридска публика има неизмерно значење за мене и Сихана, вели пијанистката Маја Кастратовиќ.
Репертоарот со кој настапија Бадивуку и Кастратовиќ на „Охридско лето“ беше специјално одбран за фестивалот, а содржеше и дела од Клара Шуман, со што уметниците се вклучија кон одбележувањето 200 години од раѓањето на големата композиторка.
– Вечерта ја започнавме со четвртата соната од Бетовен, ја продолживме со трите романси на Клара Шуман, потоа со скерцо од Брамс. Во вториот дел изведовме соната од Цезар Франк и композиција од Родион Шедрин. Избравме програма така како што се чувствуваме сега, и тоа сакавме да го споделиме со публиката, додава Кастратовиќ.
И впечатливата виолинистка Сихана Бадивуку, како и нејзината колешка, Маја Кастратовиќ во својата професионална биографија бележи бројни настапи на фестивалот „Охридско лето“ низ годините наназад.
-По четири години, повторно имаме заеднички рецитал со Маја. Многупати сме учествувале на фестивалот „Охридско лето“ и секогаш се сеќаваме на големите аплаузи. Со фестивалот сум врзана уште како млад уметник во рамките на Подиумот на млади и можам да кажам дека охридската публика е феноменална.Задоволството од претходните настапи на „Охридско лето“ и од вчерашниот концерт е уште поголемо бидејќи не’ следи не само домашната публика, туку и публика од целата држава и од странство. Амбиентот во кој музицираме, не’ мотивира да го дадеме нашиот емоционален максимум, вели Бадивуку.
Двете уметници, Сихана Бадивуку и Маја Кастратовиќ музичко образование го завршиле на престижниот Конзерваториум „Петар Илич Чајковски“ во Русија, годинава одбележуваат 25 години заедничка професионална соработка. Јубилејот го започнаа со заеднички концерти во Словенија, а по рециталот на „Охридско лето“, најавија уште неколку заеднички рецитали што би требало да се одржат до крајот на годината.