„Охридско лето“ синоќа во знакот на еврејската музика
Предворјето на црквата „Света Софија“ синоќа беше совршениот амбиент за настап на дуото „Австрија“, Тимна Брауер, вокал и гитара и клавијатуристот Елијас Меири.
Двајцата австриски уметници со израелско потекло на публиката и’ доловија еврејска музика, но и дел од традиционалната музика на Евреите. За нивната изведба беа наградени со долги овации, но ги примаа и честитките на посетителите по завршувањето на концертот.
Тимна Брауер која магистрирала музикологија на престижната Сорбона во Париз, вели дека првпат настапува во Охрид и на „Охридско лето“ и е задоволна од флуидот што го воспостави дуото синоќа со посетителите на фестивалот.
-Моите импресии се огромни, особено кога настапувам на место кадешто никогаш досега не сум била. Ме радува што имав прилика да ги пренесам мојата енергија и чувствата на публиката.Кога настапуваме во Источна Европа, го чувствуваме близок регионот бидејќи балканската и еврејската музика има многу слични работи. Тоа ме прави овде да се чувствувам како да сум дома иако настапив првпат. Ја почувствував цврстата врска со публиката, вели Брауер.
Најголемиот дел од композициите беа изведени на еврејски јазик, но се пееше и на јудаитско-еврејски јазик којшто е карактеристичен за Евреите што живеат во Европа.
-Изведовме традиционална еврејска музика, но не само европска еврејска музика, туку и ориентална еврејска. Она што е за одбележување, е што земаме фолклорни елементи и ги преработуваме, посебно со пијанистот Елиот кој е џез музичар и правиме добра обработка на делата, додава Брауер.
Дуото „Австрија“ е формирано во 1985 година и досега настапувале на концертните сцени ширум целиот свет. Изведуваат светска музика, шансони, детски концерти но, пред сѐ еврејска музика со целиот нејзин раскош и разновидност. Нивниот последен заеднички проект е ЦД-то со наслов „Песни за мир“ издадено од Дојче Грамофон во 2015 година.
Концертот на дуото „Австрија“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“ беше поддржан од Австриската амбасада во Република Северна Македонија, а на него присуствуваше и австриската амбасадорка Ренате Коблер.