Француска вечер на Охридско лето-приказна што трае

Француската вечер на фестивалот „Охридско лето“ е традиционална и се одржува секоја година со поддршка на Амбасадата на Република Франција во Македонија и Францускиот институт во Скопје.

Синоќешниот концерт  во рамките на оваа вечер  го проследи и Емануел Рембер, советник за култура и соработка при Амбасадата на Франција во Република Северна Македонија и директор на Францускиот институт во Скопје.

-Синоќа имавме прилика да проследиме еден прекрасен концерт со двајца млади солисти, прекрасниот кларинетист Жо Кристоф и исто така извонредниот пијанист Вансан Мусат  коишто првпат оформија дуо. Навистина беше прекрасно и за нив може да се каже дека се идни виртуози. Навистина сме среќни што сме присутни на овој фестивал којшто постои речиси 60 години. Среќни сме заради француската вечер на фестивалот што се изведува по 13-ти пат. Се разбира дека ќе бидеме присутни повторно и следната година, рече Рембер.

На Француската вечер на фестивалот „Охридско лето“ досега настапиле звучни имиња од француската класична музика меѓу кои големиот виртуоз на хармоника Ричард Галијано, триото „Вандерер“, врвните пијанисти Уго Леклер и Елен Котино-Коен, еден од најреномираните камерни ансамбли,квартетот „Ардео“, а минатата година фестивалската публика уживаше во концертот за четири раце на пијано што го приредија Мишел и Николас Буронкле.