Премиера на театарската претстава „Полковникот птица“; Од Христо Бојчев; Режисер: Андреј Цветановски; НУ Гостиварски театар
Текстот „Полковникот птица“ од Христо Бојчев е неговиот најуспешен текст, напишан во 1997 година, кој ја добива една од најголемите европски награди за драмски текстови, наградата на Британскиот совет. Дејствието на драмскиот текст зборува за една група ментално заболени луѓе кои живеат во лудница, заборавени од Бога, и таму стигнува хуманитарна помош која требало да стигне во кризно подрачје, ама по грешка дошла до нив. Тоа ги охрабрува и тие се организираат да одат до Стразбур, да го изложат својот проблем. Во ова време кога се актуелни мигрантските кризи и премините преку граница, овој текст може да добие нов контекст, а во исто време да зборува за Балканот како вечен кандидат за Европа. „Полковникот птица“ е претстава за различни луѓе, кои со својата различност и возбуда за нови работи треба да не пленат сите. Нивната посветеност треба да не учи колку е битно да се верува и да се постои во овој свет, колку и да е тешко. Целта на претставата треба да се бара во нивното разбирање, и кога ќе ги разбереме да станеме подобри луѓе со тоа. Нивната лудост е само начин да се верува. Можеби идејата е утопистичка и идеалистичка, но тоа е и улогата на театарот. Соочени со пандемијата, театарот почнува да бара начини на функционирање низ регулативите и правилата што ги носи овој нов свет. Се обидуваме низ сите тие правила да создадеме топла приказна и да го искористиме процесот и како експеримент и од прописите да направиме квалитет.
Андреј Цветановски
Андреј Цветановски е режисер од Северна Македонија. Неговиот режисерски опус се концентрира на класичната светска драматургија, како и на домашни македонски автори. Неговата режисерска визура е визуелна и промислена, секогаш со нов прочит на класичните приказни. Своето образование го стекнува на Универзитетот ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк со дипломската претстава „Салиери“ по текстот “Амадеус“ од Питер Шефер во 2010 година и магистрира на истиот факултет во 2018 година со претставата „Сон на летната ноќ“ на темата: “Адаптација на другите дела од Вилијам Шекспир во „Сон на летната ноќ“ од Шекспир “ Од 2010 година, после своето дипломирање работи како демонстратор на предметите театарска режија и актерска игра, а подоцна и станува асистент кај проф. Дејан Пројковски. Во 2013 е назначен за уметнички директор на Театар Комедија и својот мандат го завршува во 2017 година. Во тие четири години Театар Комедија со својот разновиден репертоар се етаблира како најпродаван театар во земјава и со учества и награди на неколку национални и интернационални фестивали ја потврдува својата уметничка вредност. Во својот опус Цветановски впишува околу 20 претстави, различни и по жанр и по естетика, но слични по идејата на создавање на нов прочит и инсистирање на визуелната компонента во претставата како целина. Неговите претстави се играат на фестивали и гостувања во земјата,но и во: Србија, Црна Гора, Бугарија, Албанија, Русија и со нив постигнува успеси и признанија.
Улоги:
Бехреда Решит
Дритон Љазами
Кујтиме Ахмети
Марко Дојоски
Ајше Усеини
Берат Махмути
Ариан Ејупи
Елизабета Клинчаревска Младеновска
Ѓорѓи Нешкоски
Марија Кондовска
Сценограф : Сергеј Светозарев
Костимограф : Сергеј Светозарев
Композитор : Димитар Андоновски