Холандското дуо Роланд-Богдановиќ вечерва ќе концертира на „Охридско лето“
По вчерашното грандиозно отворање на фестивалот „Охридско лето“,вечерва во црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток во 21 часот концерт ќе одржи холандското дуо Даниел Роланд-Маја Богдановиќ.
Холандско-англискиот виолинист Даниел Роланд предава на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Дваесет години беше водач на познатиот „Бродски“ квартет со кој настапуваше ширум светот и со кој оствари многу снимени изданија меѓу кои и познатиот циклус на дела од Шостакович. Во изминатите концертни сезони настапува со оркестри од Тромосо на северот на Норвешка до оркестрите во Кејптаун, а соработува со водечкидиригенти од целиот свет.
Во 2005 година, Роланд го основа Интернационалниот музички фестивал го основа Штифт во реонот Твенте во источна Холандија.
Српско-француската виолончелистка Маја Богдановиќ се вбројува во една од најдобрите виолончелисти на денешницата. Концертно настапува со Тонхале оркестарот во Цирих, со Филхармонијата во Токио, со Минхенскиот камерен оркестар, Белградската филхармонија, Берлинскиот симфониски оркестар и оркестарот на РТВ Словенија. Како камерен музичар, таа е чест гостин на фестивали за камерна музика ширум светот настапувајќи со исклучителни уметници како Марта Аргерич, Јуриј Башмет, Јулијан Рахлин, Нино Гветадзе, Немања Радуловиќ и Маријана Ширнијан. Во 2008 година, Богдановиќ ја започнува нејзината соработка со легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки со настапите во Белградската, а потоа и со Словенечката филхармонија каде го изведува неговиот втор концерт за виолончело и оркестар под диригентската палка на самиот композитор.
Инаку, таа го стекнува нејзиното образование на Конзерваториумот за музика во Париз на кој дипломира и магистрира во класата на Мишел Штраус, а камерна музика посетува кај Пјер-Лорен Аимар и Итамар Голан. По студиите во Париз се усовршува во Берлин под водство на Јенс Петер Маинц, а посетува и мајсторски курсеви кај Бернард Гринхаус, Албан Герхард и Хајнрих Шиф.