Пијанистот Александар Штаркман вечерва ќе музицира на „Охридско лето“
Американскиот пијанист со руско потекло Александар Штаркман вечерва ќе биде дел од музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Штаркман настапува ширум САД во концертните сали во Њујорк, Сан Франциско, Бруквил, Палм Бич, Сарасота, како и на Фестивалот во Равинија. Неговите оркестарски настапи вклучуваат концерти со симфониските оркестри во Далас, Форт Ворт, со Чикаго „Синфониета”, фестивалскиот оркестар во Нортвуд и камерниот оркестар во Албакерки. Во 1995 година, Александар Штаркман ја добива првата награда на меѓународниот натпревар „Бузони” во Болцано во Италија. по што следуваат бројни покани за рецитали и настапи со оркестар ширум Европа во следните неколку години. Покрај оваа, тој е добитник на награди и на натпреварите „Ван Клибурн” во 1989 година и на „Чајковски” во 1994 година. Откако победува на натпреварот во Тајпеј му се отвараат и вратите на концертните сали во Азија.
Александар Штаркман настапува во Европа, Азија, САД и земјите во Јужна Америка, но и во Русија и земјите на поранешниот Советски Сојуз, каде често пати е канет да настапува во малата и големата сала на престижниот Московски Конзерваториум.
Неговите дебитантски настапи во Лос Анџелес, Чикаго и Њујорк изнудија голем број пофалби од музичката критика и публиката. Критичарот од „Лос Анџелес Тајмс” меѓу останатото пишува: „Александар Штаркман. Запомнете го тоа име…”.
Од 2002 година, Александар Штаркман е професор на Конзерваториумот „Пибоди” во Балтимор.