Завршен концерт на учесниците од Меѓународниот семинар по виолина, виола, клавир, барокна и камерна музика
Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ денеска во црквата „Света Софија“ со почеток во 17 часот ќе се одржи Завршен концерт од Меѓународниот семинар по виолина, виола, клавир, барокна и камерна музика.
Семинарот се одржува под уметничко раководство на реномираните професори, виолинистот Емилио Перцан и пијанистката Тамила Гулијева.
Оваа година беа пријавени 20 учесници но петмина од нив заради рестрикциите што ги наметна пандемиската криза не успеаја да дојдат.Стекнатите вештини на музичките инструменти ќе ги презентираат учесници од Србија, Бугарија, Австрија, Германија,Русија, тројца млади учесници од Република Северна Македонија, а за првпат на семинарот има и учесници од Украина.
Годинава Меѓународниот семинар се враќа во традиционалните рамки, за разлика од претходната година кога заради рестриктивните здравствени мерки дел од него се одржа преку он-лајн комуникација.
-Годинава работевме во Основното музичко училиште „Методи Патчев“ во Охрид. По една година да кажам „суша“ се враќаме на традиционалната работна атмосфера на семинарот. Ги искористивме стекнатите искуства од лани за да имаме континуитет така што работевме комбинирано, вели раководителот на семинарот, виолинистот Емилио Перцан.
Меѓународниот семинар по виолина, виола, клавир, барокна и камерна музика постои од 2009 година и во првите три години од постоењето се одржуваше на Истра во Хрватска. Од 2013 година се одржува во Охрид, а завршниот концерт е дел од програмата на „Охридско лето“.