Камерен оркестар „Профундис“ – Скопје, Р.С.Македонија

Солисти:
Анна Кондратенко – виолина
Владимир Костов – виолина
Диригент: Ѓурѓица Дашиќ

 

Камерниот оркестар „Профундис“ е „млад“ уметнички состав,кој постои веќе три години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат некои  од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во Р. С. Македонија , Националната опера и балет и Националната филхармонија. Покрај класичниот репертоар, камерниот оркестар „Профундис“ се стреми кон развојот и на други начини на презентација (дигитални концерти, употреба на нови технологии). Квалитетот на оркестарот составен од веќе докажани имиња и неговата флексибилност во сите стилски епохи, под уметничко водство на диригент Ѓурѓица Дашиќ, го дефинираат како уметнички ансамбл на 21 век, способен да одговори на сите барања на музичката продукција. Имаат забележителен настап во рамките на фестивалите: „Есенски музички свечености“, „Златна лира“ и „Денови на македонската музика“, како и соработката со реномирани солисти меѓу кои Љубиша Кировски, Марија Ѓошевска, Благој Нацоски, Славица Мицовска, Наде Талевска, Марија Јанчулевска, Стојанче Косовски, како и со концерт-мајсторите на Националната филхармонија Анна Кондратенко и Владимир Костов.  Ансамблот соработува и со еден од најистакнатите српски виолинисти- Јован Богосављевиќ со кого реализираа концерти во Скопје и во Р. Србија .

Гордост на „Профундис“ претставува реализацијата на целовечерениот концерт во чест на Арво Перт- еден од најистакнатите современи композитори поддржан од Естонската амбасада во Р. С. Македонија. Исто така, камерниот оркестар „Профундис“ настапува во Италија и остварува мини-турнеја со концерти во Соренто и во Перуџа и соработки со истакнатиот италијански пијанист Маурицио Мастрини, гитаристот Даниеле Ајело и диригентот Паоло Шибиља.

 

Ѓурѓица Дашиќ-диригент

Ѓурѓица  Дашиќ дипломира на Факултетот за музичка уметност на одделот- оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар. Од 2008 година е вработена во Националната опера и балет како хор- мајстор. Учествува во поставување и во одржување на целокупниот репертоар во Националната опера. Соработува со голем број истакнати диригенти во улога на соработник и на асистент-диригент, меѓу кои и Емил Табаков, Џанлука Мартиненги, Енрико Довико, Саша Николовски-Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, Урош Лајовиц и со многу други.

Како оркестарски диригент, во својата матична куќа ги диригира оперите „Рита“ од Г. Доницети , „Севилски берберин“ од Џ. Росини и традиционалниот концерт Млади оперски надежи „Коста Трпков“. Активно учествува во подготовката и во реализацијата како оркестарски диригент на првиот македонски мјузикл „Тајно моја“, во чест на Тоше Проески.

Во 2018 година  го формира камерниот оркестар  „Профундис“ со кој активно работи  како негов уметнички раководител и диригент и реализира исклучително успешни соработки и настапи.

 

Анна Кондратенко -виолина

Анна Кондратeнко е родена во Новосибирск (Русија), а музичкото образование го започнува во Специјалната Музичка школа во класите на О.Марченко и А.Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004, а потоа и магистрира. Како солист и концерт мајстор настапува со Младинскиот симфониски оркестар и Филхармонијата во Новосибирск, Интернационалниот симфониски оркестар во Мичиген (САД) „Класичната филхармонија-Бон“, „Филхармонија на Нациите“ и други оркестри во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија. Исто така учествува на различни мастер-курсеви (З.Брон, Д. Зигмонди) и фестивали, меѓу кои „Моцартеум“ во Австрија,  „Денови на музиката“ во Холцхаузен во Германија, сите значајни фестивали во Р.С.Македонија и др. Анна е победник на многубројни руски и меѓународни натпревари меѓу кои се натпреварите „Ерденко“ и „Мравински“ во Русија и „Ј.Ниман“ во Германија. Пред две години Анна го основа квартетот  „Филхармонија” од членови на оркестарот на Националната филхармонија со кои остваруваат настапи на домашни и меѓународни фестивали. Во моментот Анна работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на  Филхармонијата на Р. Северна Македонија и како концерт-мајстор и солист на оркестарот на F.A.M.E.‘S Project базиран во Скопје.

 

Владимир Костов-виолина

Владимир Костов дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Михајло Куфујонакис, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришепенко и др. Посетува мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познатите „Медичи“ Квартет (Шведска), „Артемис“ Квартет (Германија) и Квартетот „Миро“ (САД).

Владимир Костов по пат на аудиција повеќепати е избиран да членува во Светскиот оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и Азија и соработувајќи со врвни диригенти и солисти и остварувајќи концерти во некои од најпознатите концертни сали во светот. Настапува и со оркестарот „Исток-Запад“ во Алтенбург (Германија), а во периодот 2000-2004 година е еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ.

Камерната музика претставува негов особен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли меѓу кои: Камерниот оркестар за современа музика „Алеа“, камерното студио за барокна музика „Бахус“, квартетот „Бревис“, основач е на клавирското трио „ВАМ“ редовен член е на Камерниот оркестар на  Филхармонијата на Р.С. Македонија, како и на Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија и на ансамблот за современа музика „Кон Темпора“ . Настапува како солист со Филхармонијата и камерниот оркестар на С.Македонија, како и на повеќе фестивали и манифестации во земјава и во Украина, Германија, Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија , Хрватска, Полска, САД… Член е и концерт мајстор на меѓународниот оркестар ,,Nо Borders’’ со кој на концертната турнеја во 2021 година настапува и како сoлист.

Основач е на фестивалот за млади виолинисти „Виолин Фест“ и моментално работи како концерт- мајстор во Филхармонијата на Р.С. Македонија и како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

 

Програма:

 

Д.Шостакович – Камерна симфонија во с – moll опус 110/а

 

Largo

Allegro molto

Allegretto

Largo

Largo

 

Арво Перт- Табула раса за две виолини, препарирано пијано и гудачки оркестар

 

Ludus

Silentium

Дата

18 Јул 2022
Expired!

Време

21:00

Цена

MKD300.00

Категорија

музичка програма
Црква Св. Софија

Локација

Црква Св. Софија
Цар Самоил 88, Охрид 6000

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *