Американска вечер
Шломо Минц – соло виолина, Израел/САД
Шломо Минц според многумина, вклучително и според колегите, публиката и критичарите е еден од најзначајните виолинисти на нашето време поради неговата исклучителна музикалност, стилска разновидност и беспрекорна техника. Добитник на бројни награди и признанија. Меѓу другото наградата на Академијата Чигиана, на „Златен Дијапазон“, наградите за најдобри снимени изданија „Гран при за диск“, наградата на списанието „Грамофон“, наградите „Едисон“ и „Кремона“. Во 2006 година е добитник на почесен докторат од универзитетот Бен-Гурион во Израел.
Роден е во Москва, неговото семејство емигрирало во Израел кога тој имал само две години. Учел виолина со Илона Фехер која го запознава со Исак Штерн кој ќе стане негов ментор. Исто така студирал со Дороти Дилеј во Њујорк, а уште од млада возраст соработувал со големи ѕвезди како Исак Штерн, Мстислав Ростропович, Пинкас Цукерман, Итцак Перлман, Зубин Мехта, Клаудио Абадо, Рикардо Мути, Јури Темирканов, Ида Хендл и Иври Гитлис. Настапува со најдобрите светски оркестри во Берлин, Виена, Амстердам, Чикаго, Лос Анџелес, Филаделфија и Њујорк.
На 18-годишна возраст, Минц започнува паралелна кариера како диригент и остварува настапи со Кралската филхармонија во Лондон, НХК оркестарот во Јапонија и со Израелската филхармонија. Еден од основачите е на мајсторскиот курс во Кешет Елион, каде бил еден од главните организатори повеќе од 18 години, а исто така е ко-основач и гласноговорник на проектот „Виолини на надеж“ кој се фокусира на реставрацијата и интернационални изложби на 45 инструменти кои им припаѓале на Евреи кои ги загубиле животите во концентрационите логори во Втората светска војна.
Шломо Минц бил член на жири на некои од најзначајните натпревари за виолинисти како што се: „Чајковски“ во Москва, „Кралица Елизабета“ во Брисел,, „Хенрик Виењавски“ во Познан. Исто така, бил претседател на жирито на „Мунетсугу“ натпреварот во Јапонија, а од 2002-2011 година бил претседател на меѓународниот натпревар во Сион, Швајцарија. Од 2012-2018 година е уметнички директор на Кран Монтана класикс, високо профилен семинар и фестивал за виолинисти во Швајцарија. Во моментов тој е ментор и претседател на жирито на Меѓународниот натпревар во Буенос Аирес, претседател и уметнички директор на Фестивалот и натпревар „Тукуман“ исто така во Аргентина, и претседател на натпреварот „Илона Фехер“ во Будимпешта. Во 2019 година, издавачката куќа „ДЕКА“ ги издава шестте сонати за виолина од Еуген Изаи во изведба на Минц, и ЦД со концертот за виолина и оркестар од Менделсон.
Програма:
Х. В. Ернст: Шест полифони етиди
- Rondino scherzo. Con spirito
- Allegretto
- Terzetto. Allegro moderato e tranquilo
- Allegro risoluto
- Air de Ballet. Allegretto con giusto
- Variations on “The Last Rose of Summer”
-пауза-
Н. Паганини: Избор од 24 Каприси
13 Allegro
14 Moderato
15 Posato
16 Presto
17 Sostenuto/Andante
18 Corrente /Allegro
19 Lento/Allegro assai
20 Allegretto
21 Amoroso/Presto
22 Marcato
23 Posato/Minore/Posato
24 Tema: Quasi presto/variazioni I–XI/Final