Театарска претстава „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен

Режија: Нина Николиќ
Продукција: НУ Македонски народен театар – Скопје Р.С.Македонија

 

Драмата во пет чина „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, првпат е објавена на 28 ноември 1882 година со оригинален наслов „En folkefiende“. Напишана е како одговор по јавниот скандал за неговата претходна драма – „Духови“, која ја критикува хипокризијата и моралот во општеството. „Народен непријател“ е една од најизведуваните драми од овој автор кој се смета за „татко на модерната драма“. До денес има над 1880 премиери на различни сцени низ светот: Европа, Азија, Африка, Австралија, Северна и Јужна Америка.

Да се каже дека денес некој класик на драмската литература е актуелен, звучи општо кажано. Но, кога ќе го погледнеме драмскиот текст на Хенрик Ибзен „Народен непријател“  фасцинантно е колку допирни точки гледаме меѓу општеството во кое живееме и она кое се врти против доктор Стокман.

Во случајот, во оваа претстава актуелноста, пред сѐ, подразбира изострување на контекстот од каде што ја читаме драмата, без посебни интервенции во самиот текст, кој најмногу останува во својата изворна форма. Драмата совршено кореспондира и со кризата со која нашето општество повторно се соочува — преку исклучувањето на доктор Стокман од заедницата, Ибзен вешто го разоткрива општествениот конформизам и политичкото користољубие, покажува механизам со кој секој поединец што прави обид да зборува за системска неправда, автоматски го карактеризира како предавнички и заговорнички.

„Народен непријател“ отвора и важна дилема и во актуелните еколошки борби — како да се третира нешто што од една страна е извор на загадување и зараза, а од друга, главен (честопати единствен) извор на приход за поголемиот дел од населението во тој крај? Доктор Стокман е парадигма на современиот ангажиран маж, но тој е и идеалист кој верува дека промената е можна, и дека моменталното жртвување е неопходно, без разлика колку е тоа болно. Можеби на почетокот несвесен за последиците и проблемите што ќе му ги донесе неговиот бескомпромисен став, и покрај ударите што му ги нанесе општеството, предводени од владејачката политичка структура и нестабилните новинари, доктор Стокман низ предизвици и падови, созрева и ги зајакнува, ги освестува и ги зацврстува своите крајни цели.

Големо прашање е како денес да се прочита и да се толкува крајот на претставата. Во време кога, често, системот успева да го сомеле и да го совлада поединецот, предизвик е да се направи возможен и убедлив Стокмановиот оптимизам, но подеднакво важно е и прецизно да се дефинира (следната) цел и да се конкретизира полето за понатамошната борба на овој Ибзенов херој.

 

Режисерката Нина Николиќ (1987, Скопје), дипломира на Катедрата за француски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Театарска режија на Факултетот за драмски уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје во 2010 година, во класата на проф. Слободан Унковски, каде што и магистрирала во 2014 година со претставата „Евридика“ поставена во Драмскиот театар – Скопје. Во 2021 година, на истиот факултет, ја брани и докторската дисертација: „Испитување на пристапот како да престанеш да глумиш на Харолд Гаскин со студенти по актерска игра на ФДУ, со претставата „Белградска трилогија“ од Биљана Србљановиќ, а под менторство на проф. Јорданчо Чеврески. Од 2014 г. работи во Македонскиот народен театар, Скопје.

Меѓу нејзините најзначајни претстави се: „Нема да биде крај на светот“ (2021) од Аднан Лугониќ, во копродукција на МНТ и Сараевски ратни театар; „Отело“ (2019) од Вилијам Шекспир, копродукција на Перипетија продукција, МНТ и БНП, Зеница; „Галеб“ (2018) од А. П. Чехов во продукција на МНТ; „Буре барут“ (2018) од Дејан Дуковски, во продукција на БНП, Зеница; „Белградска трилогија“ (2017) од Биљана Србљановиќ, во продукција на Перипетија продукција; „Разговори во четири очи“ (2015) од Ингмар Бергман; „Треперење“ (2011), во продукција на Скопје Филм Студио и МНТ; „Кој пукаше на 21-ви?“ (2014) според „Луда Шума“ на Керил Черчил, во Младинскиот културен центар – Скопје; „Евридика“ (2013) од Сара Рул во Драмскиот театар – Скопје; „Пеликанот“ (2012) од Аугуст Стриндберг, проект на Шведската амбасада во Скопје и Факултетот за драмски уметности – Скопје; „Секс, лаги и диви гуски“ (2012) според „Олд Сејбрук“ на Вуди Ален, во продукција на Круг продукција и Младинскиот културен центар и многу други.

Претставите на Николиќ учествувале на фестивалите: Средби во Пекинг, Народна Република Кина; Варненско лето во Варна, Бугарија; Светски театар во Софија, Бугарија; Бела Кула, Брест, Белорусија; Арт Окраина, Санкт Петербург, Русија; Московски ноќи, Митишчи, Русија; Человек театра, Чељабинск, Русија; Централноевропски театарски фестивал, Кошице, Словачка; Млад отворен театар, Скопјe; Меѓународен театарски фестивал ФЕСТ, Катманду, Непал и многу други.

 

Улоги:

д-р Томас Стокман, лекар во општинската бања – Никола Ристановски

Катарина, неговата сопруга – Звездана Ангеловска

Петра (нивната ќерка), наставничка – Дарја Ризова

Ејла, нивната средна ќерка – Јана Вељановска

Мортине, нивната најмала ќерка – Ана Арсовска

Петар Стокман (брат на лекарот), градоначалник и претседател на управниот одбор на бањата – Благој Веселинов

Мортен Кил (потатко на Катарина), кожар – Петре Арсовски

Ховстад, уредничка на „Народен гласник“ – Сашка Димитровска

Билинг, соработник на „Народен гласник“ – Александар Михајловски

Аслаксен, сопственик на печатница – Нино Леви

Капетан Хорстер – Мартин Ѓоргоски

 

Сценограф: Вишња Вујовиќ

Костимограф: Ивана Каранфиловска-Угуровска

 

Времетраење: 105 минути

Претставата е наменета за целата публика

Дата

15 Авг 2022
Expired!

Време

21:00

Цена

MKD300.00

Категорија

драмска програма
Центар за култура „Григор Прличев“

Локација

Центар за култура „Григор Прличев“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *