Познатото руско трио, пијанистот Николај Лугански, виолинистот Сергеј Крилов и виолончелистот Александар Књазев вечерва ќе настапат во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, а извонредните руски уметници ќе изведат дела од Јоханес Брамс.
Волшебното музицирање, лириката и тоналната убавина во свирењето припаѓаат на квалитетите што му го обезбедија местото на Сергеј Крилов меѓу најреномираните изведувачи на денешницата. Овој руски виолинист е редовен гостин во неколку големи институции, во кои соработува со многу водечки светски оркестри. Покрај останатите истакнати личности со кои работел, пријателството со Мстислав Ростропович е од особено значење во неговиот уметнички живот. Сергеј Крилов често се појавува во двојна улога – како солист и диригент, изведувајќи широк репертоар, кој се протега од Барокот, па сè до современата музика. Тој е исто така и посветен камерен изведувач, во партнерство со пијанистите: Денис Мацуев, Николај Лугански, Бруно Канино, Борис Березовски, Јуриј Башмет, Максим Рисанов, Александар Књаев и многу други. Има издадено компакт-дискови во соработка со најпознатите издавачки куќи (ЕМИ, Дојче грамофон, Сони класика).
Лауреатот на бројни интернационални натпревари, Русинот Александар Књазев е еден од најдобрите виолончелисти на денешницата. Неговите настапи низ светот постојано добиваат одобрувања од публиката и критиката. Соработувал со извонредни диригенти, а на полето на камерната музика негови партнери биле познатите руски имиња – виолинистот Вадим Репин, пијанистот Николај Лугански, виолинистот Виктор Третјаков, пијанистот Борис Березовски и многу други изведувачи од целиот свет. Покрај изведувачката дејност, Књазев се занимава и со образовна дејност. Имено, тој е професор на Конзерваториумот во Москва, а редовно одржува и мајсторски-курсеви во Европа и Азија. Неговата дискографија вклучува снимки со Борис Березовски, Дмитри Мактин, Николај Лугански, Филхармонискиот оркестар на Санкт Петерсбург, изведувајќи ги притоа некои од најзначајните дела од литературата за виолончело.
Николај Лугански критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна префинетост и чувствителност, со „кристална убавина“ во свирењето слична на онаа што ја имале големите Моцарт и Шопен, како и виртуозност што потсетува на Рахмањинов и на Прокофјев. Студирал на Московскиот конзерваториум во класата на видни професори. Во текот на својата кариера настапувал во некои од најпрестижните сали во светот пришто соработувал и со некои од најзначајните оркестри. Покрај соло, Лугански настапува и како камерен музичар заедно со Миша Мајски, Вадим Репин, Александар Књазев и др. Чест гостин е и на некои од најпознатите фестивали во светот, а се јавува и како уметнички директор на музичкиот фестивал „Рахмањинов“ во Тамбов. Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои и „Уметник на народот на Русија“ во 2013 година.