Ораториумот „Радомировиот псалтир“ op. 47 од Димитрије Бужаровски вечерва ќе биде изведен во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.
Ќе настапат сопранистките Весна Ѓиновска Илкова и Славица Петровска Галиќ, тенорот Благој Нацоски, басот Владимир Саздовски заедно со Оркестар и хор на Македонска опера и балет и Детски хор „Пиколо“.Диригент на вечерта е Бисера Чадловска.
„Радомировиот псалтир“ op. 47 од Димитрије Бужаровски е изработен врз текстот на ѓаконот Радомир од втората половина на XIII век. Тој се смета за еден од последните старословенски ракописи кои се испишани во старата кирилометодиевска традиција кои потекнуваат од Македонија. Бужаровски користи неколку псалми и оригиналните текстови на Радомир за слободно да го конципира сижето на овој ораториум. Димитрие Бужаровски (1952) е еден од најплодните македонски композитори со над 70 опуси во кои спаѓаат и четири симфонии, три ораториума, седум концерти, две опери и два балета, поголем број на сонати и циклуси на соло песни. Ораториумот „Радомировиот псалтир“ е единственото македонско дело кое било номинирано за најпрестижната светска награда за композиција „Grawemeyer Award“ во 2003 година од американскиот универзитет Луизијана тех. Псалтирот ќе биде изведен од хорот и оркестарот на Македонската опера и балет, предводени од диригентката Бисера Чадловска. Како солисти ќе настапат сопраните Славица Петровска Галиќ, Весна Ѓиновска Илкова, тенорот Благој Нацоски и басот Владимир Саздовски, сите со впечатлива меѓународна изведувачка кариера. Во изведбата учествува и хорот „Пиколо“ подготвен од Весна Димчевска.
Концертот ќе се одржи во Предворјето на црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот.