КВИНТЕТ ПИЛЕКАДОНЕ
Мила Павлова-флејта, Валентин Методиев-обоа, Венелин Пиперов-кларинет, Јасен Теодосиев-хорна, Евгениј Тонев-фагот
Дрвениот дувачки квинтет „Пилекадоне“ е формација со богата историја. Истата датира 25 години наназад кога првичните членови на квинтетот биле сѐ уште тинејџери и кога самото име на овој ансамбл предизвикувало внимание поради необичноста, евентуалната поврзаност со прекарот на Чарли Паркер (Yardbird)- до денес токму таа мистичност останува една од главните атрибути на „Пилекадоне“. Секој од членовите на овој квинтет има активна кариера како солист, а сите се членови на елитните бугарски оркестри: Софиска филхармонија, Оркестар на Бугарското радио, Класик ФМ оркестарот. Ансамблот „Пилекадоне“ е награден со престижната награда „Златна лира“ која ја доделува Сојузот на бугарските музичари и танчери за особени достигнувања во изведувачката уметност. Квинтететот настапува на сите значајни фестивали во Бугарија и надвор од неа, соработува со некои од најпознатите бугарски композитори меѓу кои и номинираната за ГРЕМИ награда, Добринка Табакова која како и другите композитори му посветува дела токму на „Пилекадоне“. Нивниот израз ги надминува границите на традиционалниот класичен концертен пристап, честопати преплетувајќи се со нови форми како мултимедија, концептуална уметност, соработка со актери и танчери како и со хорот на „Софиските момчиња“. Една од новите и позначајни соработки е концертното партнерство со светски познатата виолинистка Албена Данаилова која е концерт-мајстор на Виенската филхармонија. Во 2019 година Бугарската национална телевизија на квинтетот „Пилекадоне“ им посвети филмуван концерт.
Мила Павлова-флејта
Флејтиската Мила Павлова дипломира на музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија и е добитничка на бројни награди меѓу кои прва награда на 10-от натпревар „Светослав Обретенов“, две први награди на натпреварот за камерна музика „Златна Дијана“, како и специјална награда и златен медал на Интернационалнио натпревар во Нерпелт, Белгија. Во 1997 се усовршува на Парискиот конзерваториум во класите на познатите флејтисти Луик Поулен и Алан Марион, а нејзината кариера е во нагорна линија со настапите со познати бугарски ансамбли. Од 2003 година, Павлова е вработена во Оркестарот Класик ФМ во Софија. Нејзиното соло ЦД „Пораки“ (2011) е издадено од страна на Сојузот на композитори на Бугарија. Мила Павлова е основач на Интернационалниот фестивал „Музички денови во куќата Балабанов“ кој се одржува во Пловдив од 2010 година и е добитник на наградата „Музички проект на годината“ доделена од страна на Бугарското национално радио. Мила Павлова е наградена за менаџер на годината во 2013 година и е добитничка на престижната награда „Пловдив“ за музика и уметност во 2014 година.
Валентин Методиев-обоа
Валентин Метдоиев е дипломец на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“ , а како член на дувачко трио и квинтет е два пати добитник на прва награда на натпреварот „Златна Дијана“ во 1987 и 1989 година. Во 1989 година ја добива специјалната награда и златен медал на Натпреварот во Нерпелт, Белгија. Постојано е вработен како прв обоист на Софиската филхармонија, а често е ангажиран како солист или водач на групите обои во различни оркестри во Бугарија како и во различни камерни состави.
Венелин Пиперов-кларинет
Венелин Пиперов дипломира на академијата „Панчо Владигеров“ во Софија, а се усовршува во Минхен. За време на неговите студии во Германија често настапува како солист и предава кларинет. Во 2011 година се враќа во Бугарија по што следи обнова на „Пилекадоне“ квинтетот. Пиперов е член и на популарниот секстет кларинети „Јотозов“.
Јасен Теодосиев- хорна
Јасен Теодосиев дипломира во класата на Владислав Григоров на Академијата „Панчо Владигеров“ во Софија, и работи како прв хорнист во оркестарот на Бугарското радио. Често е ангажиран и во Класик ФМ оркестарот, а како солист настапува со бројни оркестри во Софија, Пловдив, Варна, но и со оркестарот на Бугарското радио и Симфонискиот оркестар во Солун. Како член на повеќе камерни ансамбли често настапува во Бугарија и надвор од неа. Во 2012 година се здобива со докторат на Музичката академија во Софија, а од 2013 година Јасен Теодосиев е професор на Академијата „Панчо Владигеров“.
Евгениј Тонев-фагот
Евгениј Тонев дипломира на Академијата „Панчо Владигеров “ во Софија во класата на познатиот фаготист проф. Марин Валчанов. Настапува како солист и камерен музичар, а неговите настапи се пренесувани и снимани за Бугарското национално радио, за Класик ФМ и за Бугарската национална телевизија. Од 1993 година Евгениј Тонев е постојан член на Оркестарот на Бугарското национално радио.