Мултимедијален проект на Драган Спасески Охридски „Спокоен сум ко врвот….Не прашувам зошто сум се извишил“
Драган Спасески Охридски e роден 1960 година по професија доктор-специјалист ортопедски хирург, во 2019 година прославува 30 години јубилеј, од првиот самостоен мултимедијален проект „Апокалиптичен нарцис““ 1989 год.
До сега ги реализирал следните мултимедијални проекти:
„Апокалиптичен нарцис“ (1989 год.), „Сѐ трепери (1996 год), „Блиску до сонцето и љубовта мракот помалку боли“ (1999 год), „Вибрација, креација, совршена релација“ (2001), „Охридски ангели“ (2003), „Погледни во себе“ (2004), „Трите точки“ (2008), „Охридски бисери на мудроста“ (2010), „Битолска трилогија“ (2011), „Човек е трепет …и ангелот трепет е …а ти Боже мој…“ (2017 год.), Скоро сите мултимедијални проекти се составени од изложби на ликовни дела и промоција на книги – поезија со истоимениот наслов како мултимедијалниот проект, а некои се проследени и со архитектонски ентериерни креации.
Најновиот мултимедијален проект е насловен во форма на хаику песна:
спокоен сум ко
врвот…Не прашувам зошто
сум се извишил
За 30 годишниот јубилеј….направен е пресек од најзначајните ликовни и поетски дела… а ќе се промовира и новиот мултимедијален проект.
Драган Спасески Охридски соединил три големи теми во сликарството од која секоја има духовен карактер, своја историја и карактеристики, а понекогаш и проткајувања. Создавајќи прв во Македонија и меѓу малубројните во светот на сликарството што имаат одлики на религиско, еротско и фантастично, отворил нови изразувачки можности, длабоко свесен дека поголемиот број уметници во модерната и постмодерната имаат сосема недуховен, лишен од каков било повисок или спиритуален интерес.
Во прашање е сликарство кое се движи од реализам,кога е во прашање портретот, до асоцијативна симболика, кога е во прашање фигуративната.