ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈАТА „ФЕСТИВАЛСКА ПРИКАЗНА“ Охридско лето 1961-2020

Oд авторите Снежана Анастасова Чадиковска и Роза Нолчева-Ангеловска   Една од традициите на фестивалот „Охридско лето“ е објавувањето на монографии на секоја десетта годишнина на Фестивалот. Оваа традиција, започната во 1980 година, во чест на дваесеттото фестивалско издание, продолжува и годинава. Монографијата, насловена „Фестивалска приказна“, издадена по повод шеесеттото „Охридско лето“ е обликувана од авторите Снежана Анастасова -Чадиковска и Роза Нолчева-Ангеловска, академски музичари и публицисти, кои им припаѓаат на две различни генерации- секоја со свои значајни искуства и доживувања од фестивалот „Охридско лето“. А спојот на генерации, обединети во заедничка цел, најчесто значи и взаемно дополнување и разнообразност – елементи, кои даваат поинаква атрактивност на самото дело Интенцијата на авторите е да создадат дело, кое ќе биде напишано со јазик, прифатлив и интересен и за пошироката публика. Јазик, насочен кон збогатувањето и разнообразноста на сознанијата за фестивалот „Охридско лето“, за неговиот почеток, развој и културолошко значење, особено сознанијата на помладата, нова генерација фестивалски вљубеници. Двојазичаноста на монографијата „Фестивалска приказна” пишувана на македонски и англиски јазик, уште еднаш го нагласува интернационалното значење и интерес за фестивалот „Охридско лето“ – член на Европската асоцијација на фестивали. Монографијата „Фестивалска приказна” е богато илустрирана, како со фотодокументи од бројни настапи на врвни уметници, така и на начин кој неминовно ја потцртува поврзаноста на Охридско лето со суштината и историските специфики на самиот град Охрид.