Театарска претстава „Само глас“
Македонски Народен театар , Скопје – Р.С.Македонија
„Само глас“ е приказна за позната актерка која ја губи сопствената доверба и е напуштена од многу помладиот партнер балетан на кого му помогнала да ја создаде кариерата. Останува осамена и затворена во својот стан, кој не го доживува како сопствен дом, единствено друштво ѝ прави само чудниот пајак миленик Тарантула, кој ѝ останал од поранешниот партнер.
Потрагата кон нови форми во музичкиот театар за мене како режисер и композитор секогаш е непресушна, но, исто така, потрагата кон нови драмски автори кои сè помалку ги има во вообичаената форма Talk Theatre, а посебно во формата Music Theatre, бидејќи за овој стил потребен е посебен израз и начин на пишување. Ја имав таа среќа да ја сретнам младата и талентирана Нина Плавањац која ги испиша овие чудесни зборови, реченици, страници на оваа современа приказна. Стилот во кој се движи оваа претстава навидум е драмски, но под него длабоко и слоевито музиката го интерпретира и го води дејствието. Безимената актерка е сама, потребен ѝ е глас, само глас, бидејќи тишината знае да создава болка, но тој глас ја создава драмата и емотивната апокалипса, но, исто така, тој глас неа ја освестува и ја води кон нов живот. На почетокот како монодрама, а потоа како комуникациско музичко дуо за два гласа менувајќи ги стиловите на изразување од драмски, музички до современа оперска интерпретација оваа приказна меѓу двајцата партнери кои комуницираат само преку нивните гласови, без телесни контакти, без вистинска слика како изгледаат, отвора едно ново поглавје во театарското изразување, а сепак користејќи го најстариот инструмент на човештвото – гласот!
Марјан Неќак
Марјан Неќак (1976, Битола)
Со музика се занимава од најраното детство завршувајќи нижо и средно музичко образование – контрабас и соло пеење. Дипломира компонирање за филмска и театарска музика на Факултетот за применети уметности при Универзитетот за аудиовизуелни уметности, ЕСРА Париз — Скопје — Њујорк. Во Народниот театар, Битола работи како композитор; како вонреден професор предава интерпретација на сонг на Факултетот за драмски уметности, Скопје, а од 2013 година работи како режисер и сценограф. Пишува композиции за театарски, оперски и балетски претстави, мјузикли, филмови, телевизиски и други проекти, во кои на посебен и само за него препознатлив начин ја спојува и ја вткајува електронската музика испреплетена со балканскиот фолклор. Автор е на повеќе од 250 претстави, од кои 30 детски. Работи на проекти во скоро сите театри на Балканот и во Европа.
Композиторската и режисерската работа, и желбата за тотален театар резултира со основање на Подвижен музички театар (ММТ) во 2015 година. Дел од претставите што досега ги поставил како режисер и сценограф се: „Есенин“ (Народен театар, Битола); монооперата „Дневникот на лудиот“ од Николај Гогољ во продукција на ММТ; современата драмска опера „Девојчето со жиците“ (Национален театар, Љубљана во копродукција со ММТ). Работел на повеќе кореодрами, опери, мјузикли и музички драми меѓу кои се издвојуваат: „Дамата со камелии“, „Глембаеви“ и „Окованиот Галилео“ (ХНК, Риека); „Печалбари“, „Црна се чума зададе“, „Обична приказна“ и „Травничка хроника“ (Народен театар, Битола); „Камов, Смртопис“/Moulen Rouge (ЗКМ, Загреб); „Тито – Коски во каменот“ („Еуроказ“, Загреб; „Лабараторио Нове“, Фиренца; „Кампнагел“, Хамбург); „Антица“ (Народен театар, Прилеп); „Македонска крвава свадба“ (Драмски театар, Скопје); „Венецијанскиот трговец“ (ХНК, Сплит) и многу други проекти.
Режисер, композитор, сценограф и дизајнер на светло: Марјан Неќак
Превод на текстот: Звездана Ангеловска
Видеодизајнер: Марин Лукановиќ
Костимограф: Наташа Филиповиќ – Павлиќиќ
Улоги:
Таа – Звездана Ангеловска
Тој – Никола Ристановски
Балетан – Мирослав Митрашиновиќ
Времетраење: 78 минути без пауза
Претставата не се препорачува за лица помлади од 18 години.