„Театро ала мода„ Барокен ансамбл, Холандија
Земајќи го името од дискурсот на Бенедето Марчело (напишан во 1720), „Teatro alla moda” е ансамбл кој ја негува историски автентичната интерпретација на барокната музика. Членовите на ансамблот доаѓаат од различни културни средини, но заедничкиот јазик го наоѓаат во Холандија за време на нивните студии на Кралскиот конзерваториум во Хаг. Комбинирајќи виртуозност и темелно „читање“ на делата од барокниот репертоар, овие музичари истражуваат материјали кои ги комбинираат различните барокни инструменти виолина, барокна флејта, обоа, виола да гамба и чембало и изведуваат дела од многу раниот барок па до раната класика. „Teatro alla moda”, редовно настапува во Холандија, а на интернационалната сцена настапуваат на фестивали во Исланд, Франција, Португалија и Р.Северна Македонија.
Лилија Славну- барокна виолина
Родена во Москва, Лилија Славну започнува да учи виолина во нејзиниот роден град, а продолжува да се образува во Ерусалим и во Холандија каде студира со Елизабет Валфиш. Соработува со признати музичари како што се: Џејмс Боуман, Меги Кол, Антони Рули, Шалев Ад – Ел, Тон Купман, Алфредо Бернандини, Енрико Онофри, Филип Јаруски, Сандрин Пјау и др. Настапува на фестивалите за рана музика во Утрехт, Лајпциг, Брежице, Кремона, а соработува со познати барокни ансамбли како што се: Англиските барокни солисти, Хармони Универсел, Габриели Консорт, Дунедин Консорт и Холандскиот Бахов ансамбл. Свири во Амстердамскиот барокен оркестар на Тон Купман и е постојан член на Парискиот оркестар Le Cercle de l’Harmonie.
Диего Надра-барокна обоа
Диего Надра започнува да учи флејта и обоа во родната Аргентина, а од 1995 специјализира барокна обоа. Во 1997 година ги започнува студиите на Кралскиот конзерваториум во Хаг и на Конзерваториумот во Амстердам. Соработува со некои од најзначајните барокни ансамбли во Европа како што се: Музика антика – Келн, Кончерто Келн, Швајцарски барокни солисти, Ирски барокен оркестар, Музичари на Лувр, Академија за стара музика Берлин, Кончерто Копенхаген и многу други. Настапува низ цела Европа, но и во Сирија,Русија, Израел, САД, Јапонија, Турција, Исланд, Бразил, Јужна Кореа и Аргентина.
Џошуа Четам- виола да гамба
Џошуа Четам студира виола да гамба во Холандија откако претходно ги завршува студиите за контрабас на Универзитетот „Вандербилт“. Дипломира на Кралскиот конзерваториум во Хаг во 2003 година, а сега предава виола да гамба на Универзитетот во Утрехт. Во 2006 година му е доделена специјалната награда за особени достигнувања, индивидуалност и талент од областа на ренесансната и барокната музика. Настапува со различни ансамбли како Ансамбл „Пигмалион“, Хатор Консорт, „Вокс луминис“ и др.
Цветанка Созовска-чембало
Цветанка Созовска дипломира во класата на проф. Борис Романов во нејзиниот роден град Скопје, по што специјализира чембало во Холандија, дипломира и магистрира на Кралскиот конзерваториум во Хаг. Како солист и камерен музичар на пијано и чембало, Созовска настапува низ цела Европа и во Јужна Кореја. Настапува на Фестивалот „Каза де Матеуш“ во Португалија, и настапува на турнеја во Франција со Барок Опера Амстердам. Во 2009 година предава чембало и басо континуо на курсот во Бургос, Шпанија каде настапува со Оркестарот „Кадакес“ под диригентската палка на Сер Невил Маринер. Со Оркестарот на 18 век под водство на Франс Бруген и со балетската компанија „Леине и Роебана“ свири на повеќе проекти и остварува турнеи во Холандија, Полска и Франција. Цветанка Созовска живее и работи во Холандија, каде во периодот од 2006-2016 година беше корепетитор на одделот за рана музика на Конзерваториумот во Утрехт. Предава чембало во музичкото училиште во Утрехт.