Беспрекорна организација, полни гледалишта и врвни уметници на „Охридско лето“
Беспрекорна организација, полни гледалишта, квалитетна програма наменета за публика од сите возрасти, настани што долго ќе се паметат донесе годинешното 58-мо издание на фестивалот „Охридско лето“ чија завеса ќе биде спуштена на 20.август со театарската претстава „Илијада“ од Хомер, во режија на Јернеј Лоренци.
Над 20 илјади љубители на уметноста се дел од годинешните настани на врвните светски уметници.
-Годинава бележиме зголемена продажба во споредба со изминатите години. Особено поприсутни се странските гости кои направија резервации од Австралија, Словенија, Франција, Холандија, Кина, Германија, Хрватска, Турција, Русија, Косово, Босна и Херцеговина. Се надеваме дека до крајот, фестивалот ќе има рекордна посетеност, вели Христина Стефаноска одговорна за веб-продажбата на „Охридско лето“.
Исклучително добрата музичка програма беше навестена уште на самото отворање на фестивалот, на 12.јули со оперската дива Елена Мошук, тенорот Калин Братеску и маестралниот диригент Николае Молдовеану. На Античкиот театар помеѓу бројната публика можеа да се видат охриѓани, гости од странство, дипломати, политичари, бизнисмени, но и други познати имиња од јавниот живот.
Традиционалните Вечери на полска и француска музика исто така донесоа бројна публика во која беа почесниот конзул на Полска во Македонија, Коста Костовски, како и амбасадорот на Франција во нашата држава Кристијан Тимоние заедно со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов кој е и покровител на фестивалот „Охридско лето“.
Кралскиот секстет „Д Квин Сикс“ потврдија дека се музичари со голема топлина во душите. По завршувањето на нивниот концерт во црквата „Света Софија“ се покажаа како љубезни домаќини испраќајќи ги гостите со кои разговараа и се фотографираа.
Познатото трио руски уметници, Лугански-Књазев –Крилов ја наполнија црквата „Света Софија“ со публика која уживаше во нивната префинета програма со класични дела.
Ораториумот „Радомировиот псалтир“ што еден од најплодните македонски композитори, Димитрие Бужаровски го напиша специјално за фестивалот „Охридско лето“, во предворјето на „Света Софија“ донесе бројни уметници од Македонија, но и многубројна публика која уживаше во овој семакедонски производ.
Кога сме кај црквата „Света Софија“, овој храм беше претесен да ги прими и посетителите на концертот на АМИРА триото која приреди вистинско уживање. Сцените во Центарот за култура „Григор Прличев“ годинава беа искористени за дел од настаните на „Охридско лето“.Карта повеќе се бараше за Кубанската вечер која го донесе сензуалното танго-фламенго, за роденденскиот концерт на групата „Синтезис“, како и театарската претстава „Тоби“наменета за најмладата фестивалска публика, како и за театарските претстави „Странци“ , премиерата „Мизантроп“, „Стаклена Менажерија“,„ Смртта на Дантон“, „Девојчето со жиците“и драмата „Во Агонија“ кои беа извонредно доживување за љубителите на театарот.
Голема посетеност имаше и на трите изложби „Од уметничкиот пат на Георги Божиков“, „Скриеното Чудесно“ од авторките Марта Пејоска и Биби Клекачкоска и изложбата масло на платно под наслов „Зад виножитото“ од Калина Брајковска која долови неокласична убавина на „Охридско лето“.
Публиката задоволна од сето она што и беше понудено на ова 58-мо фестивалско издание. Според многумина љубители на уметноста, фестивалот секоја година се искачува скалило погоре, како во делот на организацијата, така и во програмскиот дел.
-„Охридско лето“ е најголемата музичко-сценска манифестација, нашиот културен бренд и заслужува да ги има најголемите уметници од музичкиот и драмскиот свет. Направивме се, и оваа година со беспрекорна организација да ја продолжиме успешната приказна и да донесеме уметници кои се на самиот врв на уметничката сцена и по кои ќе се памети ова фестивалско издание, вели директорката на НУ „Охридско лето“, Сузана Вренцовска.
Со позитивни реакции и уметниците за кои „Охридско лето “ е сцената на која би сакале да настапат повторно.
– Интересот како и претходниот пат кога гостував на „Охридско лето“ е огромен. Но најважно од се’ е што дојдоа толку луѓе и што на сите ни беше убаво, некои пееја со нас, а некои пуштија и по некоја солза. Тоа е непроценливо. За мене, тоа се работи за кои вреди да се живее и да се пее, изјави најдобриот босански вокал Амира Медуњанин.
Косовскиот гитарист Дрилон Чочај исто така беше задоволен од својот настап, но и од публиката и од самата акустика во црквата во која музицираше.
-Ова е мојот прв настап на фестивалот, но уште од мал ги следев концертите на „Охридско лето“ на секои две години. Навистина е голема чест и претставува огромно задоволство да се настапува на „Охридско лето“ каде што музицирале Максим Венгеров, Иво Погорелиќ, Николај Лугански и други звучни имиња. „Охридско лето“ е голема среќа, не само за Македонија, туку и за целиот поширок регион, додаде виртуозот на гитара Дрилон Чочај.
– Овде е се совршено. Огромна е честа што ни овозможивте да го отвориме 58-то „Охридско лето“, изјави еден од најескпресивните сопрани на денешницата, Елена Мошук.
– Посебно е чувството да се настапува пред многубројна публика во овој свет храм, рече светскиот пијанист, Николај Лугански.
Фестивалот „Охридско лето“ годинава донесе над 800 уметници од 27 земји од светот. Од фестивалската дирекција најавуваат дека веднаш по спуштањето на фестивалската завеса на 20-ти август, ќе започнат подготовките за следното издание.