Долги и стоечки овации за италијанскиот тенор Фантони и пијанистот Мартано
Со репертоар од убаво селектирани арии од познатите италијански опери, тенорот Алесандро Фантони и пијанистот и чемабалист Џорџо Мартано од Италија вчеравечер предизвикаа силни емотивни бранувања кај публиката на „Охридско лето“ која во текот на концертот ги наградуваше со бурни, долги и стоечки овации.
Двајцата млади уметници настапија во рамките на традиционалната Италијанска вечер на „Охридско лето“ што секоја година се одржува со поддршка на Амбасадата на Италија во Република Северна Македонија. Амбасадорот на Италија во земјава, Андреа Силвестри, обраќајќи се пред публиката на почетокот од концертот рече дека е почестен што ја отвора оваа вечер во, како што кажа, бисерот на византиската уметност, црквата „Света Софија“.
-Во текот на овие 61-на година, многу италијански уметници како маестро Енио Мориконе беа присутни на оваа сцена која е сѐ попрестижна на меѓународно ниво. Сигурен сум дека моќта на двајцата млади и исклучително талентирани уметници, тенорот Алесандро Фантони и пијанистот Џорџо Мартано ќе ја просветли публиката во оваа особено магична атмосфера на црквата „Света Софија“, рече амбасадорот Силвестри.
Италијанскиот амбасадор во оваа пригода ѝ оддаде признание на директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, за организацијата на целиот фестивал, како што рече, и покрај тешкотиите предизвикани од пандемијата.
-Овие настани ја претставуваат надежта дека само културата и музиката можат да овозможат подобра иднина за секого. Ова е надеж која навистина ни треба сега. Како амбасадор на Италија, ве уверувам дека ќе продолжеме да ги зајакнуваме веќе одличните врски помеѓу двете земји на во полето на културната соработка. Ова се однесува и за прекрасниот Охрид, град на УНЕСКО, додаде амбасадорот Силвестри.
Импресивната вокална техника на оперскиот пејач Фантони донесе спиритуална енергија која го исполни целиот простор на охридската катедрала. Пееше инспиративно, од душа и срце, а овие возбудливи моменти, фестивалската публика уште долго ќе ги памети.
-Акустиката во оваа црква е прекрасна и тоа е особено важно за музиката. Исполнив различни оперски арии. Сличен репертоар како на Павароти, но со различни арии, како Риголето, Кавалерија Рустикана…. Сакам да пеам и понови арии како „Ромео и Јулија“, но и традиционални песни од Неапол, истакна познатиот тенор Фантони кој својот глас го школувал на Академијата за опера при Операта во Цирих, Швајцарија.
Пијанистот Мартано кој стекнува со искуство како корепетитор на соло пејачи со особен афинитет кон лирскиот репертоар и се здобил со диплома од Академијата на Миланската скала, беше исто така воодушевен од целокупниот амбиент во кој настапи со неговиот колега.
-Голема чест е да се биде тука, на Италијанската вечер на „Охридско лето“ која има долга традиција и да се свират традиционални арии од нашиот лирски репертоар, од традиционалната музика на Неапол до камерни арии од различни автори. Се надевам дека публиката уживаше, рече пијанистот Мартано.
Концертот во рамките на Италијанската вечер на „Охридско лето“ покрај италијанскиот амабасадор Силвестри како домаќин на вечерта, го проследија и амбасадорките на Кралството Шведска во земјава Кристин Форсгрен Бенгсон и на Швајцарија Сибил Зутер Техада, како и градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески.