Драмата „ Кој ја уби Џенис Џоплин“ ? вечерва на „Охридско лето“
Фестивалот „Охридско лето“ ја продолжува драмската програма вечерва со театарската претстава „ Кој ја уби Џенис Џоплин“ ? на текст од Тијана Грумиќ, во режија на Соња Петровиќ, а во изведба на Српскиот народен театар од Нови Сад.
Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.
Улогите ги играат актерите: Бојана Милановиќ,Соња Исаиловиќ, Стефан Вукиќ, Димитрије Аранџеловиќ, Вукашин Ранџеловиќ, Петар Бањац, Филип Грубач и Игор Сакач. Драматург на претставата е Николина Стјепановиќ, костимограф: Сенка Раносављевиќ, а сценографијата е на Жељко Пишкориќ.
Се работи за своевиден драмски омаж на една жена која дошла до својот крај за да се случи нов почеток.
-Кога размислував да направам претстава за лицето, кое ми беше пример и инспирација во текот на тинејџерскиот период, секогаш за неа мислев како да се работи за две личности. Несомнено нејзиното двојство е евидентно; нејзините два лика и нејзините две приказни. Едната е приказна за несигурна, нежна, неприфатена и незаштитена девојка, а другата е за храбра, агресивна основачка на нова листа на критериуми за жените. Едната поради која живеела, а другата поради која починала. Едната која одеше кон својот крај за другата да започне . Дури подоцна наидувам на податокот дека Џенис го добила името по богот Јанус. Се работи за римскиот Бог на крајот и почетокот. Обично е прикажан со две лица, едното гледа на почетокот, а другото на својот крај, вели режисерката Петровиќ.