Магичен спој на традиционални песни и дела од класичната музика направи дуото „Сора“ синоќа во црквата „Света Софија“ одржувајќи концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Јапонската саксофонистка Учида Шиори и македонскиот хармоникаш Фати Фехмију кои веќе три години настапуваат како дуо, а од годинава се и животни сопатници, ги изведоа традиционалните песни „Кавал свири“ и „Ерген дедо“, но на публиката и доловија и традиционални јапонски композиции, како и дела од Јохан Себастијан Бах, Антонио Вивалди, Астор Пјацола, Алесандро Марчело, Александар Бородин и Бела Барток.
Уметникот Фехмију вели дека ваквиот спој на музика од различни жанрови досега се покажал како многу интересен за јапонската публика.
-Во моментов сум на докторат на токискиот универзитет и со моите колеги истражуваме во областа на музиката. Токму затоа правиме комбинации од традиционални и класични жанрови на музика и слично. Во Јапонија ова е многу популарно. Се работи за една уникатна форма на музика, вели Фехмију.
Дуото „Сора“ беа воодушевени од акустиката и воопшто од целиот амбиент во кој настапија синоќа пред публиката на „Охридско лето“.
-Јас живеам во Истанбул и сум музицирал во црквите „Света Ирина“ и „Света Софија“, сум настапувал и во Италија и Франција и сум доживеал слични акустични ефекти на сцените. Но црквата „Света Софија“ во Охрид импресионира и во поглед на акустиката, и во однос на фрескоживописот на ѕидовите кој според мене е одлично сочуван, додава Фехмију.
Овој млад уметник чии корени се од Македонија, иако живее во Турција, сепак, како што појаснува, во срцето секогаш ја носи македонската култура и ја претставува насекаде каде што има можност да настапи.
-Иако живеам во друга земја, моето срце е секогаш поврзано со Македонија, со македонската култура и луѓето овде. Сакам да ја презентирам културата на мојата земја насекаде каде што настапувам, вели Фехмију.
Дуото „Сора“ редовно настапуваат на разновидни настани, на кои изведуваат свои композиции, аранжмани на познати дела, како и дела од класичната музика, традиционалната и народната музика, како и филмската музика, свирејќи притоа на различни инструменти – саксофон, хармоника, пијано, виолина и слично.