Индонезиско-германското дуо, Исканадар Виџаја на виолина и Норман Виџаја на пијано, вечерва ќе одржи концерт на „Охридско лето“ со што ќе го затвори музичкиот дел од програмата на 57-то издание на фестивалот.
На програмата се дела од У. Виџаја, Ли Зили, Ц. Куи, Ф. Сај и Ж. Масене. Гостин на ударни инструменти ќе биде Ајкут Коселерли.
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 22 часот.
Искандар Виџаја е роден во Берлин, започнува да учи виолина на четиригодишна возраст, а дипломира виолина на Универзитетот во Берлин во 2010 година. Соработува со некои од најпознатите диригенти и музичари на денешницата како Зубин Мехта, Кристоф Ешенбах, Роландо Вилазон, Фазил Сај и др., настапувајќи со престижни оркестри меѓу кои: оркестрите во Берлин, Минхенската филхармонија, оркестарот „Тонхале“ во Цирих, Варшавската филхармонија, Радио –симфонискиот оркестар во Виена, како и оркестрите во Франкфурт, Валенсија, Осло, Базел, Хонг Конг, Џакарта и др. Настапите го водат на пет континенти во концертните сали меѓу кои: „Концертхаус“ во Берлин, „Тонхале“ во Цирих, Филхармонијата во Луксембург, операта во Тел Авив и многу други. Во 2013 година Исканадар настапува на отворањето на Самитот АПЕК, а е претставник на Индонезија на Светскиот настан ЕКСПО во Милано во 2015 година.
Неговото дебитантско ЦД „Бах и блуз“ е промовирано во 2011 година и наидува на одличен прием кај стручната критика. Второто снимено издание со музиката на Бах го реализира со Берлинската камерата во 2014 година, а третото ЦД „Танго фуего“ стигнува на врвот на класичните топ-листи во Германија.