Најголемата музичко-сценска манифестација во Македонија и регионот, фестивалот „Охридско лето“ доби плакета од Меѓунродната турска културна организација „Турксој“ во знак на благодарност за настапот на нивните талентирани млади музичари во рамките на 57-то фестивалско издание.
Во името на „Охридско лето“, плакетата ја прими Музичкиот селектор на „Охридско лето“ Ѓорѓи Цуцковски кој не го криеше задоволството од едно вакво признание, кое според него, и во иднина треба да претставува поттик за меѓукултурна размена и обединување на народите.
– Многу ми е драго што „Турксој“ како асоцијација ми доделија една плакета и благодарница за мојата покана кон нив во рамките на фестивалот „Охридско лето“ и сметам дека како две земји блиски и со голема заедничка историја треба навистина да соработуваме и да ја шириме нашата култура таму, нивната тука, и секогаш да бидеме еден мост на обединување на двата народа, изјави Цуцковски.
Од „Охридско лето“ додаваат дека уметноста ги надминува политичките, религиозните и етничките граници, а токму сцените на овој фестивал се плодна почва за меѓукултурен дијалог и размена. Во своето педесет и седумгодишно опстојување, фестивалот има добиено бројни домашни, но и меѓународни награди и признанија за градењето на културните вредности.