Во рамките на традиционалната Француска вечер на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе настапат кларинетистот Жо Кристоф и пијанистот Ванесан Мусат.
Концертот на француските уметници ќе се одржи во црквта „Света Софија“ со почеток во 20 часот.
Жо Кристоф ги започнал студиите на Националниот конзерваториум за музика и танц во Париз во 2015 во класата на Филип Берод-прв кларинетист на Оркестарот во Париз, како и кај неговиот асистент и колега Арно Лерој. Во моментот е на пост-дипломски студии по камерна музика под менторство на Мишел Морагес.
Победник е на повеќе натпревари меѓу кои Есенскиот фестивал на млади изведувачи во 2017, и често е ангажиран од страна на значајни ансамбли како Оркестарот во Париз, Националниот француски оркестар, операта во Лимож, оркестарот во Стразбур, а како солист настапува со оркестарот „Пасделуп“, Новиот Европски камерен оркестар, како и со ансамблот на националната полиција.
Во последните неколку години, настапите го водат во концертните сали на Филхармонијата во Париз, Аудиториумот на Радио Франција, операта „Гарние“, „Концертхаус“ и „Музикферајн“ во Виена, „Курхаус“ во Мерано, Фестивалскиот театар во Баден-Баден, Филхармонијата во Келн, Националниот форум за музика во Вроцлав, Филхармонијата и Концертната сала во Берлин, како и концертната сала во Токио, имајќи можност да настапува со извонредни диригенти како што се: Дејвид Цинман, Алан Алтиноглу и Сер Сајмон Ратл.
Жо Кристоф ужива во различноста на музичките жанрови, па изведува џез, современа музика, ориентална и клецмер музика со октетот „Сирба“ кој е познат ансамбл за еврејска музика. Добитник е на првата награда од Фондацијата „Шафран“ во 2018 година со едногласна одлука на жирито и настапува како солист, но и во дуо со Пјер Генисон, придружуван од оркестарот на Француската национална гарда.
Благодарение на импровизацијата и развојот на слухот, Вансан Мусат покажува интерес за пијаното од многу рана возраст. По неколку години поминатин на конзерваториумот во Тулуз, тој е едногласно примен да студира на Конзерваториумот Супериор нво Париз во 2014 година. Истата година ги отвора личните уметнички хоризонти преку повеќе размени и резиденции во парискиот„Cite Internationale des Arts”. Мусат имал особен интерес за историските практики на интерпретација поради што во катедралата Ројамон работи на стари инструменти и инструменти од романтичната ера. Како солист настапува со Новиот Европски камерен оркестар, со ансамблот „Апасионато“ на затворањето на фестивалската академија на Филип Јаруски. Учествува на чествувањето на 100 годишнината на композиторот Анри Дитје за време на фестивалот „Млади таленти“ во 2016 година во Париз. Винсент настапува на повеќе фестивали во Франција меѓу кои Фестивалот на Радио Франција во Монпелје, „Сина сезона“ во Тулуз, фестивалот „Мел Бонис“ во Виена, фестивалот за млади музичари во Берлин и др. Како камерен музичар често настапува со музичарите од операта во Ница, а дуото кое го формира заедно со виолончелистот Жереми Гарбаг е лауреат на FNAPEC асоцијацијата. Во 2019 година Вансан Мусат е номиниран за наградата „Откритие на класичната музика“ од страна на АДАМИ организацијата на уметници.