Фестивалската програма на 60-тото јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на словенечкиот гудачки квартет „Дисонанс“ што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Членовите на овој музички состав „Дисонанс“ за прв пат се собрале поради изведба на гудачки квартет од словенечкиот композитор Лојзе Лебич во 2014 година, премиера на делото кое било напишано 30 години порано. Изведбата на квартетот била одлично примена од стручната публика, а музичкиот критичар д-р Грегор Помпе за дневниот весник Дневник ќе напише: „Овој ад-хок составен квартет за изведба на делото од Лебич беше вистинско изненадување. Станува збор за дело кое е бескомпромисно модерно, поради што веројатно досега не се нашле домашни музичари кои би го извеле, но затоа детерминираноста на младите музичари од Словенечката филхармонија длабоко навлезе во звучните каскади и придонесе кон возбудлива изведба. Би било навистина одлично кога овие музичари би креирале постојан ансамбл“. По ваквиот прием, членовите на „Дисонанс“ навистина одлучиле да останат присутни на класичната музичка сцена, именувајќи го ансамблот со името на Моцартовиот гудачки квартет во C-dur, KV 465.
