„Хадерсфилд“ –драма за изгубената млада генерација
Загрепскиот младински театар од Хрватска синоќа во рамките на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ ја изведе театарската претстава „Хадерсфилд“ од Угљеша Шајтинец, а во режија на Рене Медвешек.
Претставата ja постави темната и многу трогателна приказна од реалноста, за една триесетгодишна генерација која тешко ги остава зад себе последиците од војната и не гледа подобра иднина. Во едни такви околности, во време на потполно распаѓање на моралните и материјалните вредности, дури и дождливото јоркширско предградие изгледа како ветена земја.
Еден од најперспективните млади балкански актери Дадо Чосиќ, ја игра главната улога во претставата, ликот на Рац, фрустриран млад човек што се враќа во родниот Карловац и таму ги убива деновите не работејќи ништо, освен пиењето алкохол, караниците со таткото и површниот љубовен однос со малолетната сосетка.
-Секој од нас има некој што замина. На пример и мојата мајка која е припадник на средната генерација замина. Но и многу млади масовно ги напиштаат своите родни земји во потрага за нешто подобро, нешто поубаво. „Хадерсфилд“ според мене, всушност е претстава за останувањето дома, за некаква перспектива. Во целиот јад и чемер што е втемелен во претставата, некаде на крајот има некаква светла перспектива, и на крајот, таа средба што би можела да се случи доколку ние кои остануваме инсистираме на тоа. Промените тргнуваат од самите нас и единствено така може да го промениме светот, театарот и се друго, вели Чосиќ.
Драмата завршува така што сите јунаци по низата долги и мачни ситуации и разговори, се собираат на масата.
Во „Хадерсфилд“ играат седуммина актери од кои двајца, Филип Нола и Дамир Шабан се доајени во театарот,а останатите, Дао Чосиќ, Адријан Пездриќ, Матео Видек, Бернард Томиќ и Тина Орландини се млади глумци.
Загрепскиот младински театар е угледен театар којшто е познат и признат и надвор од границите на Хрватска. Основан е во 1948 година, најпрвин како Пионерски театар,а во 1967 година го добива сегашното име.
Современиот српски драматург Угљеша Шајтинец е добитник на голем број награди вклучувајќи ја и Европската награда за литература, како и Стериина награда за „Хадерсфилд“ во 2005 година. Оваа претстава беше поставена и во Југословенското драмско позориште во Белград каде што со своето десетгодишно опстојување на репертоарот и гледаноста, стекна култен статус.