Претпоследната вечер од годинешното 61-во издание на фестивалот „Охридско лето“ е резервирана за Југословенскиот драмски театар од Белград, Република Србија и тетарската претстава „Мојот маж“ од Румена Бужаровска, во режија на Јована Томиќ.
На сцената „Долни Сарај“ од 21 часот ќе играат српските актерки Jована Беловиќ и Сања Mарковиќ.
Румена Бужаровска во збирката раскази „Мојот маж“ создава портрети на различни жени, а поентата на нивната поврзаност е фактот дека мажите се централен фокус на нивните животи и постапки. Румена, создавајќи ги ликовите на нејзините хероини, храбро, грубо и духовито си поигрува со сите општи места на локалниот контекст, прецизно формирајќи ја иконографијата на патријархатот во кој сите сме заробени. Динамиката на односите е секогаш иста – мажот е на пиедесталот, додека жената во сивата зона на постоењето ги реализира своите цели и потреби без да ја наруши или загрози машката позиција и моќ. Румена овој поширок контекст кој ги детерминира односите, постапките и случувањата на ликовите, не го преиспитува ниту го критикува. Таа протестира против патријархатот при што вели – патријархатот е наша реалност и ќе биде уште долго време. Во таква општествено-политичка рамка, каде што ниту на мажите не им е добро, таа ни раскажува приказни за жените кои сите ги знаеме, кои се нашето најблиско опкружување, а честопати и самите сме тоа.
Јована Томиќ, основните дипломски и мастер студии ги завршува на Факултетот за драмски уметности во Белград, на Катедрата за театарска и радио режија, во класата на Алиса Стојановиќ. Во Југословенско драмско позориште таа ја поставува претставата од Г. Е. Лесинг „Натан Мудриот“ (2019). Ги режирала претставите: „Г-дин Бидерман и пироманите“, „Урнебесна темнина“ (Ателје 212), „Кабаре Нушиќ“ (Театар Зоран Радмиловиќ, Зајечар), „Лолита“ (Мадленианум), „Боси во паркот“, „Лисистрата“ (Национален театар Суботица), „Чекаќи ја иднината“ (Паоло Граси), „Егзодус„ (Драгстор, 20/44) и многу други. Добитник е на првата награда на Радио Белград 2, на конкурсот за радио драма „Неда Деполо“. Претставата „Движење“ и носи шест награди во рамките на 65 тиот фестивал „Стерјино Позорје“.
Театарската претстава „Мојот маж“ не се препорачува за лица помлади од 16 години.