Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија во рамките на „Охридско лето“ синоќа го одржа традиционалниот концерт кој беше пренесуван и во живо преку интернет и фејсбук страниците на фестивалот.
Изведбата на младите уметници предизвика експлозија од восхит кај присутните во црквата „Света Софија“ а концертниот репертоар беше составен од релативно познати композитори како Едвард Григ со Холберг свитата, преку летото од годишните времиња на Астор Пјацола и на Антонио Вивалди, а беа изведени и композиции од Бела Барток, како и Елена Блази и Антон Аренски.
-Секоја година се трудевме да има разновидна програма, па така, низ годините имавме и една барокна опера која се изведе во црквата „Света Софија“ и која ни претходно, ни потоа, немаше таква изведба. Годинава уметничкиот раководител Олег Кондратенко се одлучи заедно со нас за една интересна програма во која се застапени релативно познати композитори, вели претседателот на Музичката младина на Македонија, Александар Герасимовски.
Музичката младина на Македонија веќе 32 години е дел од фестивалската програма на „Охридско лето“ и секоја година носи млади но исклучително талентирани млади уметници.
-Повеќе млади луѓе од Македонија, а понекогаш и од странство, односно околу 350 млади музичари и солитсти сите овие 32 години продефилираа на фестивалот. Од нив некои се членови или концерт-мајстори на светски оркестри и изведувачи, програми коишто одбележуваа една младост, еден полет, елан за заедничко музицирање и дружење. Продуктите веќе се ставени на неколку носачи на звук, додава Герасимовски.
Годинава, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија доби и свое дополнително име во чест на покојниот Саша Николовски – Ѓумар, диригент и уметнички раководител кој работеше со оркестарот повеќе од 20 години и остави неибришлива трага и во програмата, и во едукацијата на младите музичари.