На програмата на Охридско лето вечерва со почеток од 21 часот ќе се одржи концерт – Дуо пијано 4 раце со пијанистите Јулија Коќубан, Полска и Илја Максимов, Русија. Концертот е во црквата Св. Софија. На програмата се дела на: Моцарт, Соната за четири рачно пијано, Дебиси, „Мала Свита“ и Рахмањинов, Шест пиеси Op.11
Јулија Коќубан е една од водечките пијанистки на нејзината генерација. Нејзиниот деби-албум „Шуман, Шопен, Бацевич“ е оценет од музичката критика како еден од најинтересните полски деби албуми во последните години, а последното ЦД со клавирските концерти на Тансман и Бацевич е номинирано за највисоката наградата во полската музичка индустрија- „Фредерик“.
Оваа млада пијанистка веќе настапила во најпрестижните концертни сали во Европа: Минхен, Виена, Берлин и Хамбург, а со концерти настапила и на бројни реномирани фестивали во Америка и Азија.
Настапува со рецитали, како камерен музичар и со бројни оркестри меѓу кои Виенскиот симфониски оркестар, Оркестарот на Виенското радио, Симфонискиот оркестар во Хамбург под диригентските палки на: Хауард Грифитс, Ханс Граф, Нееме Јарви, Кристјан Јарви, Лахав Шани, Антони Вит, Марек Пијаровски и многу други. Нејзините изведби се снимени за повеќе европски радио и ТВ станици, а некои се издадени за Сони Класикал, Грамола и Полската компанија DUX.
Јулија Коќубан дипломирала на Универзитетот „Фредерик Шопен“ во Варшава и на Академијата „Моцартеум“ во Салцбург во класите на професорите Пјотр Палечни и Павел Гилилов, а во 2019 година го брани нејзниот докторат по музика. Покрај уметничката кариера, Коќубан предава на Академијата „Бацевич“ во градот Лоѓ, а истовремено е основач и раководител на Летната академија со името на композиторката Гражина Бацевич.