Концерт на уметничките од Албанија, Викена Каменица – мецо сопран во пијано придружба на Мерита Реџа –Тершана, вечерва во рамките на фестивалската програма на „Охридско лето“. Концертот е со почеток од 20 часот во црквата Св.Софија.
Викена Каменица е една од најпознатите оперски пејачки на нејзината генерација во Албанија.Таа е ќерка на оперски пејачи, успешно ги завршила студиите на Музичката академија во Тирана, а во периодот од 2004-2006 продолжува да студирана ЦЕЕ Музичкиот театар во Виена каде работи со Илеана Котрубас и Бернд Вајкл.
Во 2008 година добива специјален грант да студира на летната академија „Моцартеум“ во Салцбург во класата на Алесандра Алтхоф. Во Албанија, Викена Каменица два пати ја добива наградата „Култ“ за најдобро Оперско остварување и тоа за Розина во „Севилскиот берберин“ и во 2017 година за улогата на Ромео во „Капулети и Монтеки“ на Белини. Од 2001 година е вработена во Националната опера во Тирана каде ги покрива сите улоги од мецосопранскиот фах како Фидалма во „Таен брак“, Сузуки во „Мадам Батерфлај“ од Пучини, Флора во Вердиевата „Травијата“, Анита во „Приказна од западната страна“ од Бернштајн, Сибел во „Фауст“ од Гуно и Трета дама во Моцартовата „Волшебна флејта“. Гостува во Букурешт и Темишвар во Романија, а настапува и на Фестивалот во Седиер во Франција. Настапува во главната улога во операта „Кармен“ од Бизе, ја пее Мадалена во „Риголето“, Дорабела во „Така прават сите“, Џована Сејмур во „Ана Болена“, а настапува и покрај исклучителната Инва Мула во „Хофманови приказни“, а партнерка е како Шарлота во „Вертер“ на извонредниот албански тенор Сајмир Пиргу. Неодамна во Париз ја пее насловната улога на Далила во „Самсон и Далила“ од Сен-Санс, како и улогата на Ацучена во „Трубадур“.
Концертите се значаен дел од карирата на Викена Каменица, па така, таа настапува со дела од: Мануел де Фаља, Вивалди, Дворжак, Перголези, Бетовен, Брамс и Вагнер.
