Пред преполн Антички театар, во магична атмосфера, големите виртуози на гитара Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ приредија прекрасен роденденски концерт за 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.
Публиката што ја имаше од сите генерации, уживаше во беспрекорната изведба на двајцата уметници со светско реноме, а пеејќи ги песните што се изведуваа, ги наградуваше Стефановски и Тадиќ и со бурни аплаузи. Посетителите на Античкиот театар уживаа во извонредните интерпретации на Македонско девојче, Касапско оро, Ајде дали знаеш дали паметиш Милице, Бог да ги бие Дебрани, Јовано Јованке, и многу други по кои Влатко ќе остане запаметен како одличен изведувач.
Посакувајќи му на фестивалот уште многу години успешна работа, Влатко Стефановски кој растел следејќи го, а потоа и учествувајќи како уметник на фестивалот, рече дека „Охридско лето“ е фестивал којшто треба да биде пример за сите останати фестивали.
-Огромна е честа да се биде дел од одбележувањето 59 години од еден голем фестивал како што е „Охридско лето“ кој може да биде ментор и учител на многу други фестивали во регионот и во светот. Тоа што настапувам во Охрид е секогаш одново и одново и предизвик, и задоволство, и привилегија, рече Стефановски.
Музичката одисеја на Влатко Стефановски со Мирослав Тадиќ трае 22 години. Не музицираат често но секој нивни концерт е ексклузива за публиката.
-Постои некоја резонанца над нас која е на несвесно ниво и музиката само ја пуштаме да тече, а ние сме тука само двајца работници кои и дозволуваат на таа музика да дојде од некаде, да помине низ нас и да продолжи, додаде Стефановски.
Амбиентот во којшто се одржа концертот соодветствуваше на одбележувањето на роденденот на нашата најголемата музичко –сценска манифестација која догодина ќе го одбележи и јубилејот, шест децении од постоењето.