Поради временските неприлики и врнежите кои се очекуваат и во вечерните часови, концерт на Озџан Улуџан-виолина и Бирсен Улуџан-пијано, Турција кој вечерва во рамките на фестивалската програма на Охридско лето требаше да се одржи во Предворјето на црквата Св.Софија се префрла во црквата Света Софија.
Според дозволата и насоките добиени од Комисијата за заразни болести, Протоколот за вечерашниот концерт предвидува гледалиште од 30 места согласно просторот за раздалеченост од 2 мерти, како и строго почитување на сите мерки за заштита, носење маска, дезинфекција на раце и одржување на социјална дистанца за време на влез и излез од црквата. Исто така препораките добиени од Комисијата за заразни болести предвидуваат концертот на турските уметници да се одржи со отворени врати на црквата Света Софија.
Почетокот на концертот е 21 часот
Озџан Улуџан- виолина
Виолинистот Озџан Улуџан е роден во Бугарија, во семејство во кое уметноста била многу почитувана. Студирал во Бугарија, Турција, В. Британија и Германија со Здравка и Веселин Спирови, Грета Бурива, Ифрах Ниман, Виктор Пикајзен, Џошуа Епштајн и Максим Венгеров кој го нарекол „еден од најуспешните студенти, вистински следбеник на мојата филозофија на сцена…“
Улуџан има остварено настапи со: англискиот камерен оркестар, „Амстердам Синфониета“, Виенскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар „Франц Лист“, оркестарот „Филхармонија“ во Лондон, во престижни концертни сали како Ројал Алберт Хол, „Концертхаус“ во Берлин, „Концертгебау“ во Амстердам, како и на фестивалите во Будимпешта и Лудвигсбург. Во Амстердам настапува заедно со Максим Венгеров со оркестарот „Амстердам Синфониета“ под диригентската палка на легендарниот , маестро Мстислав Ростропович.Има реализирано три ЦД-а за „Лила Мјузик Истанбул“, а покрај концертната кариера тој е и професор на Конзерваториумот „Мимар Синан“ во Истанбул.
Улуџан е основач на ансамблот за нова музика „Хезарфен“.