Кралскиот секстет „Д’Квин Сикс“ приреди уникатен и незаборавен концерт

Совршена изведба на членовите на акапела секстетот „Д’Квин Сикс“  кои вчеравечер во катедралната црква „Света Софија“  приредија незаборавен концерт за бројната публика.  Со нивното акапела пеење , уникатност и атрактивност како и со постојаната комуникација со публиката предизвикаа воодушевување на лицата кај посетителите. Контратенорите Даниел Бритејн, Тимоти Карлстон, тенорите Николас Маден и Доминик Бланд, баритонот Ендрју Томсон и басот Сајмон Вајтли  велат дека програмата била одбрана за да одговара на сечиј вкус.

-Се претставивме со мешавина од музика, почнувајќи од сакрална, до модерни комбинации или трендови. Тоа е репертоар соодветен за секој слушател. Амбиентот во црквата „Света Софија“ е многу уникатен за секој што ќе го посети овој сакрален храм и е многу  необичен и различен од англиските цркви. Има неверојатна уметност исцртана на ѕидните фрески и тоа е многу импресивно и специјално за нас. Исто така,  и акустиката е многу специфична и одговара за пеењето на нашата  група, вели Бритејн.

 

Музичкиот селектор, Васо Ристов, вели дека концертот предизвикал несекојдневно воодушевување кај љубителите на уметноста.

-Несекојдневен настан, највисоко можно ниво на акапела пеење, интонација, динамика, брилјантност, синхронизираност меѓу гласовите, совршенство на изведбата на целиот состав, одлична програма, воодушевена публика. Како музички селектор сум пресреќен за преубавиот несекојдневен настан во црквата Света Софија, вели Ристов.

Публиката не ги криеше своите впечатоци  за настапот на  уметниците кои редовно се претставуваат пред Кралското семејство во Велика Британија.

-Концертот беше прекрасен. Ова беше старт каков што се очекува за „Охридско лето“. Тоа беше навистина кралски секстет, посебно со самиот репертоар. Беа совршени. Тоа се уметници од светски ранг, со големо искуство, и особено ценам, секогаш кога ќе дојдат уметници од  странство што воспоставуваат  таков контакт со публиката. Тоа не е само почит кон публиката, туку и кон државата во која дошле. Тоа секогаш ми оставало впечаток, а посебно сега, се’ беше  извонредно направено, вели Панда Зографска-Беличанец од фондацијата „Томислав Зографски“ која е редовен посетител на фестивалот „Охридско лето“ од 1965 година.

 

Посебно впечатливо беше гестот на уметниците кои по завршување на концертот ги испратија сите посетители ракувајќи се на влезот од црквата. Публиката воодушевена но и изненадена. Дел од нив коментираа дека се почестени од гестот,  уметниците да се ракуваат  со посетителите на концертот.

-Ова се вистински уметници, ни приредија незаборавни моменти и не’ испочитуваа како вистинска фестивалска публика, беше одговорот на посетителите.

Членовите на секстетот „Д’ Квин Сикс“ се дел од професионалните пејачи, наречени Lay Clerks на капелата „St. George“, кои живеат и работат во дворецот „Виндзор“ во Велика Британија. Поседуваат високи музички стандарди и редовно настапуваат пред Кралското семејство.

Репертоарот што го изведуваат е прилично разновиден, а покрај делата од раната музичка историја, тука спаѓаат и дела од народната музика, како и аранжмани на дела од поп и џез-музиката.

Членовите на овој секстет првпат престојуваат во Охрид и на фестивалот „Охридско лето“, но велат, дошле со позитивни импресии од нивните пријатели кои претходно го посетиле градот.

-Воодушевени сме од  убавините на градот, на прекрасните цркви, а ја видовме и тврдината во стариот дел на Охрид , велат членовите на акапела секстетот „Д’ Квин Сикс“ кои  се запишаа  во фестивалската историја како уникатни и посебно атрактивни уметници.