КРУПЕН ПРОГРАМСКИ ПРЕДИЗВИК кон концертот на Драган Средојевиќ – виолина, Србија и Ненад Ивовиќ – пијано,Србија, одржан на фестивалот „Охридско лето“
Средбата со уметниците Драган Средојевиќ – виолина, Србија и Ненад Ивовиќ – пијано, Србија, беше настан кој љубителите на музичката уметност го дочекаа со особен интерес. Токму и затоа пријатно беше да се биде дел од овој настан во прекрасниот амбиент на црквата „Св. Софија“ со исполнето гледалиште, истакнати уметници со завидни записи во нивната уметничка биографија и секако мошне интересната програма.
И двајцата изведувачи се едни од најистакнатите српски музички уметници со постојани настапи на концертните подиуми во светот. Стекнатото образование на познатиот московски конзерваториум „Чајковски“ на виолинистот Драган Средојевиќ и остварувањето на најдобар студент во генерацијата на пијанистот Ненад Ивовиќ на Музичката академија во Белград им ги трасираат патиштата кон репрезентативни остварувања и лауреати на бројни национални и меѓународни натпревари. Дел од уметничката дејност на Средојевиќ бележи настани како најмлад концерт мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар, која ја остварува на 25 годишна возраст, дел од оркестарот на театарот „Марински“ и остварување на педагошка дејност на Факултетот за музичка уметност во Белград. Остварувањата на награди и признанија на повеќе од 15 меѓународни натпревари, едукацијата во Израел и „Јеил“ во САД, се исто така дел од уметничката дејност на пијанистот Ненад Ивовиќ, кој делува како помлад соработник на катедрата за пијано на истиот универзитет.
Одржаниот концерт во понеделникот на 15 август, беше настан кој пробуди значителен интерес и со атрактивната и крупна програмска концепција. Секогаш големо задоволство е на концертните подиуми да се проследат, а секако и уште поголем предизвик интегрално да се представуваат изведбите на капиталните Брамсови Сонати за виолина и пијано бр.1 оп.78 во Ге – дур, бр.2 оп.100 во А – дур, изведени во првиот и бр.3 оп.108 во де – мол, изведена во вториот дел на концертот. Така, и уметниците и предочените композиции, како едни од можеби најинспиративните дела во музичката литертура беа вистински повод за добар програмски и уметнички избор.
Доволната комуникација меѓу уметниците доведе до солидна изведба на Сонатите за виолина и пијано од Ј. Брамс, каде изведбата на очекуваниот израз на делата осцилираше особено пред крајот на првиот дел. Изведувачите претставија соодветна определеност за рафинирно достигнување на моќта на експресијата на делата. Можеби на моменти, во изведбата, доколку беше надмината токму таа мала дистанца од сценско – креативниот елемент кој „дише“ со внатрешната манифестација на раскошната музичка содржина на Брамсовите сонати и доколку таа беше представена во континуирана емотивна изведувачка кондиција и концентрација во текот на целиот концерт, ќе проследевме изведба на уште повисоко рамниште.
Уметниците Драган Средојевиќ и Ненад Ивовиќ остварија соодветен исполнителски одговор на изведувачките барања на предложената не така едноставна програма. Концертот представуваше своевидна „музичка гозба“ и крупен предизвик за вакви ретки интегрални изведби на програмски целини кои даваат особен белег во музичката кариера на Драган Средојевиќ и Ненад Ивовиќ. Нивното музицирање имаше одлика на исклучителна синхронизација, техничка подготвеност, интонативна прецизност, детално изработени целини, единство во камерното музицирање, впечаток дека делата се совладани со сите музичко – технички елементи, достигнат уметнички дострел и завидно исполнителско ниво .