„Лирска вечер“- вечер на одбрани песни и арии од македонски и странски композитори
Прекрасна синергија помеѓу вокалните солисти, сопраните Милена Арсовска и Гонца Богоромова-Краповски и баритонот Иван Наумовски и младите музичари од фестивалскиот камерен оркестар раководени од местро Паскал Галоа донесе „Лирската вечер“ на „Охридско лето“.
Публиката уживаше во прекрасниот избор на песни и одбраните оперски арии изведени под отвореното августовско небо над предворјето на црквата „Света Софија“.
Милена Арсовска настапи со избор од народни песни на Лучијано Берио, премиерно изведени во Македонија. Станува збор за модерни и многу интересни дела напишани на азербејџански, ерменски, италијански, француски и англиски јазик, но и со композиција што специјално за нејзиното учество во „Лирската вечер“ на „Охридско лето“ ја напиша композиторката Јана Андреевска.
-Неколку пати сум настапувала на фестивалот „Охридско лето“, но годинава ми е посебно мило затоа што има прекрасна програма со камерен ансамбл, со песни што првпат се изведуваат во Македонија и едно ново дело што е напишано за мене специјално за овој концерт од нашата композиторка Јана Андреевска, рече сопранот Арсовска која по концертот на фестивалот „Охридско лето“ заминува во Германија каде што ја подготвува улогата на Марцелина во операта „Фиделио“ што ќе биде премиерно изведена во октомври.
Сопранот Гонца Богоромова –Краповски, пред фестивалската публика се претстави со композицијата „Бдеење“ од неодамна починатиот композитор Благој Цанев, направена во аранжман на неговиот внук, композиторот Филип Иванов, потоа со аријата на Маргарита од операта „Фауст“ на Шарл Гуно, како и со аријата на Микаела од операта „Кармен“ на Жорж Бизе.
-Како солист првпат сум присутна на сцената на „Охридско лето“ што за мене претставува огромна чест и задоволство, а како камерен член, сум учествувала во неколку состави. Атмосферата со ансамблот беше прекрасна, имавме прекрасна програма и одличен диригент. Имавме класична современа програма со македонски и странски автори, едно убаво колажно музичко патување и уживање за сите сетила, рече Богоромова-Краповски.
Баритонот Иван Наумовски ги изведе Шубертовите композиции „Прометеј“ на стихови од Гете и „Серенада“ на стихови од Релштаб, од неговото грло довршено прозвучи и делото „Гранада“ од Аугустин Лара, како и аријата на тореадорот од операта „Кармен“ на Жорж Бизе.
-Учествувам со врвни македонски и странски музичари што е огромна чест. Јас претежно се претставив со странски композиции но на крајот завршивме со македонска композиција како што доликува на еден ваков настан наречен Лирска вечер. Секогаш кога имам можност, ги претставувам македонските дела и автори. Македонската музика е во нашата крв, сите тие ритми и стихови коишто се адаптирани во музиката, од Петре М.Андреевски, од Григор Прличев, од кој и да е македонски автор, се длабоко врежани во генезата на нашиот народ и секогаш е огромна чест да се настапува со македонска музика, рече баритонот Наумовски.
Тројцата извонредни солисти, на крајот од „Лирската вечер“ изведоа светска премиера на арија од најновата опера на големиот македонски композитор Панде Шахов.
-Направивме комбинација од македонски композитори и класиците на 20-от век, но и од претходните векови. Јана Андреевска, мојата драга колешка напиша специјална композиција за оваа вечер, а арија од мојата нова опера „Меѓународна музичка револуција“ создадена по либрето на Јордан Плевнеш, токму овде, на фестивалот, вчеравечер доживеа светска премиера, појасни Шахов.
Сопраните Арсовска и Краповски, како и баритонот Наумовски приредија прекрасна вечер под диригентската палка на францускиот композитор Паскал Галоа и заедно со фестивалскиот камерен ансамбл составен од млади инструменталисти кои имаат афинитет кон современиот звук.
-Главниот носач на оваа вечер беа делата на извонредниот италијански композитор Лучијано Берио, кој беше мој добар пријател. Делата се во вид на фолклорна музика и затоа е многу полесно да се пренесат и споделат со публиката. Исто така, и македонскиот композитор Панде Шахов одлично ги претстави делата од францускиот репертоар од 19-от век, рече маестро Галоа.
Идејата за формирање на ваков ансамбл како платформа за соработка со исклучителни вокални солисти се роди од синергијата помеѓу диригентот Галоа и македонскиот композитор Панде Шахов кој живее и работи во Велика Британија.
-Овој камерен состав од седум млади музичари, мајстори на своите инструменти, но и ентузијасти за современа музика, може да понуди висок квалитет на придружба во рамките на еден оперски проект , а во исто време да овозможи мобилност и флексибилност која гломазните оперски куќи не можат да ја постигнат. Идејата е да се создаде плодна почва за ново творештво и трајни форми на соработка помеѓу инструменталистите, вокалните солисти и композиторите, смета диригентот Галоа.
„Лирската вечер“ во предворјето на црквата „Света Софија“ беше последниот концерт од музичката програма на годинешното 61-во издание на фестивалот „Охридско лето“. До спуштањето на фестивалската завеса ќе бидат одиграни уште два драмски проекта.