Македонската музика низ зборови и звуци на „Охридско лето“
Фестивалот „Охридско лето“ синоќа во црквата „Света Софија“ во Охрид организира работилница на тема „Ритамот-Движењето, Музиката-Дишењето“ со познатиот музичар и композитор Оливер Јосифовски.
На публиката и беше доловена музичка слика за она што го работи Јосифовски заедно со неговата група „Љубојна“ во текот на изминатите години кое веќе е претворено во препознатлив македонски музички јазик.
-Се обидуваме тој музички јазик којшто се изговара универзално, да го презентираме во светот.Малку отсвиревме, малку разговаравме со публиката, се надевам, на општо задоволство. Насловот на работилницата „Ритамот-Движењето, Музиката-Дишењето“ е и нашиот оган и двигател што секогаш нѐ раздвижува во последните 18 години како „Љубојна“, но и пред тоа. Ставивме акцент на убави приказни што ги подготвивме за публиката, вели Јосифовски.
Според него, македонската музика е вброена во светското музичко наследство благодарение на нејзината презентација од страна на македонските музичари.
-Македонската музика е ѕвезда што сјае и малку е недостижна. Таа честопати е романтична ѕвезда како што ние гледаме на Венера. Котира одлично и е егзотична мамка за сите коишто ќе помислат на балканска музика. Секојдневно се изненадувам од многу регионални, но и светски артиски кои се потпираат на македонски песни и теми. Тоа значи дека македонската музика е инспирација за многу музичари. Ние се трудиме македонската музика да ја презентираме на најдобар начин и сме амбасадори заедно со повеќе македонски артисти наназад. Оставено ни е огромно културно богатство коешто многу тешко се носи, а треба да се пренесува, додава познатиот музичар.
Во рамките на синоќешната работилница, освен темите поврзани со музиката, беше презентирана и музиката што изминатите години на посебен начин ја создава Јосифовски заедно со групата „Љубојна“. Настапија Вера Милошевска, вокалот на групата „Љубојна“, и воопшто, еден од најдобрите женски вокали во нашата земја, Филип Димишковски на пијано, како и Тимко Чичаковски на егзотичниот арапско-персиски инструмент канон, којшто е присутен во нашата византиска чалгиска музика.
Оливер Јосифовски заедно со етногрупата „Љубојна” ја негуваат македонската традиционална музика и веќе се нејзини препознатливи амбасадори во светот. Работи музика за филм, документарен филм, анимирани филмови и музика за балет.Во моментов создава музиката за нов македонски игран филм. Неговиот творечки опус опфаќа 12 снимени албуми, компилации со групата „Љубојна“, два албуми со групата „Фолтин“,како и над 20 џез-изданија од домашната и светската џез сцена.
Директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, истакна дека продолжува практиката, музички настани со висок квалитет да се одржуваат и надвор од стандардниот фестивалски термин.
-Практиката од минатата година продолжува и годинава, сѐ до следното, јубилејно 60-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Нашата цел е, да ѝ понудиме на публиката квалитетни настани и со тоа да ја збогатиме културната понуда во Охрид, вели директорката Поповиќ.
По завршувањето на последното фестивалско издание, Националната установа „Охридско лето“ во септември организира концерт на јапонскиот пијанист Томохиро Адачи.