Младиот професор по пијано Величков ја воодушеви публиката на „Охридско лето“
Mладиот и талентиран пијанист Димчо Величков од Бугарија кој со пијаното другарува уште од шестгодишна возраст синоќа се претстави на фестивалот „Охридско лето“ музицирајќи под сводовите на црквата „Света Софија“.
Лауреатот, победникот на многу натпревари за млади пијанисти, вечерта ја започна со Прелудиум. Опус 3 бр.1 од Сергеј Рахмањинов, а со голема леснотија и со висок професионализам ги изведуваше делата за пијано од синоќешната програма.
-На фестивалскиот репертоар се претставив со композиции од Сергеј Рахмањинов,со Етидитите на Александар Скрјабин, како и со композиции од Модест Мусоргски. Исто така, свирев и дела од двајца бугарски композитори, Красимир Кјуркчијски и АлександарВладигеров. Со пијаното сум од мојата шестгодишна возраст и се надевам дека публиката беше задоволна од она што јас го научив во изминатите години, вели младиот уметник Величков.
Димчо Величков е роден во 1987 година во Стара Загора, Бугарија во семејство на музичари. Започнува да свири пијано на шестгодишна возраст, а само една година подоцна започнува да учи во класата на неговиот татко во музичкото училиште во родниот град. На девет години ја добива наградата „Млади надежи “ на IV Интернационален натпревар „Музиката и земјата“ во Софија.
Во 2002 година, Величков настапува во салата „Бугарија“, а една година подоцна е солист со оркестарот на Државната опера во Стара Загора. Во 2005 година ги започнува студиите на Универзитетот за музика и уметности во Виена во класата на проф. Франц Цетл, а дипломира во 2011 година во класата на проф. Маркус Праусе. Концертно настапува во Бугарија, Полска, Кореја, Русија и Словачка. Во 2013 година на покана на бугарската амбасада и Културниот центар на Бугарија во Москва настапува на прославата на бугарската култура во главниот град на Русија.
Димчо Величков настапува солистички, но и како дел од различни камерни состави соработувајќи со Клара Шуман-флејта, Улјана Левит-сопран, Фулвио Бертосо и Ина Петкова-виолончело, Маико Еномото-виолина, Михо Јамамура-пијано.
Веќе трета година тој е ангажиран како професор по пијано на Конзерваториумот „Франц Шуберт“ и на приватната музичка школа „Шмид и Цетлман“во Виена.
-Студентите се малку помлади од мене и многу добро се согласуваме. Јас го давам максимумот од себе да им го предадам целото мое знаење и вештини, и се надевам дека успевам во тоа., појаснува Величков.
Извонредниот уметник првпат настапува на„Охридско лето“ и како што вели, голема е честа да се настапува на еден ваков фестивал којшто ги носи најголемите уметнички имиња од светот на класичната музика.