Еминентната претставничка на елитното музицирање, виолинистката Ајман Мусакјајева, заедно со своите колеги, италијанските пијанисти Марко Скиаво и Серџо Маркеџани, во придружба на Камерниот оркестар „Академија на солисти“ од Казахстан синоќа на фестивалот „Охридско лето“ донесоа фанстастична проекција и маестрално музицирање кое допре до сетилата на фестивалската публика.
Импресивната изведба на делата од Едвард Григ, Леополд Кожелуч, Камиј Сен-Санс, Пабло де Сарасате, Жил Масне, Франц Ваксман и Жорж Бизе се одвиваше под диригентската палка на маестро Гудјон Емилсон од Исланд.
Ајман Мусакјајева е виолинистка со блескава кариера. Редок сензибилитет и префинета естетика преку која успева да воспостави флуид со слушателите. Таа е основач на Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“, во кој ги ангажира најдобрите млади музичари од Казахстан.
Дуото Марко Скиаво и Серџо Маркеџани е едно од најактивните италијански пијано дуети. Во светот се познати по уникатното музицирање, експресивноста, убавиот звук, интензитетот и огромната енергија во своите изведби.
Гудни А. Емилсон е исландски диригент, добитник на голем број национални и интернационални награди. Во текот на својата кариера соработувал со некои од најзначајните оркестри на денешницата, настапувајќи притоа на голем број познати музички сцени, а соработува и со еминентни изведувачи од целиот свет.
Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“ е водечки ансамбл во Казахстан. Основан е во 1991 година, од страна на виолинистката Ајман Мусакјајева. Членовите на овој ансамбл се млади музичари, виртуози на својот инструмент, лауреати на повеќе интернационални натпревари, со одлична техничка подготвеност. Државниот камерен оркестар „Академија на солисти“ на своите настапи изведува музика од најразлични епохи и стилови, но, пред сè, се смета за еден од најзначајните афирматори и промотори на казахстанската музика и традиција во светот.