„Охридско лето“ донесе моќна, виртуозна игра на харфа

Светски познатиот виртуоз на харфа, Емауел Сејсон од Франција синоќа имаше импресивен настап во црквата „Света Софија“ во Охрид, во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Со неговата моќна, виртуозна игра на харфа, Сејсон ги отстрани сите клишеа поврзани со неговиот инструмент. Преку неговиот „заразен“ ентузијазам и безграничната енергија, младиот уметник ја откри харфата во сета своја пенлива раскош, во свет во кој поезијата е во рима со темпераментот.

 

 

– Многу сум среќен што настапив во црквата „Света Софија“, многу мирно и волшебно место.Црквата е магична за концерти. Што се однесува до репертоарот, за публиката на „Охридско лето“ синоќа доловив малку поразнолика програма, од  постара музика, па се’ до помодерни дела. Од Бах, преку Шпор, до Рение, Дебиси,Форе и Салзедо. Многу е импресивно што може да направи  харфата  во вакви дела, истакна Емануел Сејсон.

 

 

Од 2005 година неговата успешна кариера го води во некои од најпрестижните концертни сали како „Вигмор хол“ во Лондон, салата „Гаво“ во Париз, „Карнеги хол“ во Њујорк, „Концертхаус“ во Виена, салата на Берлинската филхармонија и многу други  каде редовно неговите настапи  во рецитал, концертен репертоар и камерна музика добиваат високи пофалби од критиката.

 

 

– Првпат настапувам на фестивалот „Охридско лето“, но слушнав дека  е најреномиран фестивал со многу концерти на звучни имиња од светот на музиката. Инаку, во Македонија сум настапувал трипати заедно со Македонската филхармонија, додаде Сејсон.

 

 

Неговата непоколеблива посветеност кон харфата, му ги заработи највисоките меѓународни признанија. Во моментов, тој е соло-харфист на операта „Метрополитен“ во Њујорк и предава харфа во школата за музика „Менс“.