„Охридско лето“ и „Тиквеш“ и во 2018 година заеднички ќе ја промовираат Македонија во светот

Виното е повеќе од само обичен производ. Виното е приказна која раскажува за почвата, сонцето, ветерот – за земјата каде е создадено, виното е приказна која ја пренесува енергијата на луѓето кои учествувале во неговото создавање.Винарската визба „Тиквеш“ ја раскажува приказната за Македонија како винска земја уште од 1885 година, позиционирајќи го „Врвното од Македонија“ на врвот, не само на регионално ниво, туку и глобално. „Тиквеш“,  еден од најзначајните играчи во винската индустрија во Европа и светот, со фестивалот „Охридско лето“ негува долгогодишно партнерство  засновно на доверба, разбирање и почит. Поддршката за „Охридско лето“ продолжува и во иднина, најавуваат од „Тиквеш“

 

 

Охридско лето: Од особено значење е Вашата помош како спонзор на  фестивалот „Охридско лето“. Вашето дејствување во оваа сфера од културното  живеење на Република Македонија помагајќи ја најзначајната манифестација,  вроди со многу значајни настани кои ја збогатија културната програма во земјата и го подигнаа нејзиното ниво. Колку се чувствувате заслужни за тоа и како ја оценувате соработката со „Охридско лето“?

 

Винарска визба „Тиквеш“: Претставува огромно задоволство да се соработува со манифестација со толкава традиција и реноме, како што е „Охридско лето“. Овој фестивал е еден од ретките што толку долго време во континуитет на домашната публика и секако на странските посетители им овозможува да присуствуваат на врвни уметнички изведби и слушнат/видат уметнички имиња од светски калибар. За тоа се заслужни луѓето што се дел од неговата организација и нам ни претставува чест да овозможиме нивна поддршка и придонесеме за успешноста на фестивалот кој има огромно значење не само за понудата на културно-уметнички содржини кај нас, туку и за промоција на Охрид и Македонија надвор од границите на нашата земја.

 

 

Охридско лето : Фестивалот „Охридско лето“ со години наназад е на врвот на светската уметничка сцена на која продефилираа големи музички имиња со светско реноме. Кој настан, кој уметник ви остави најголем впечаток во текот на изминатите фестивалски изданија?

 

Винарска визба „Тиквеш“ : Неблагодарно е да се издвојуваат конкретни имиња и настани. Квалитетната и богата програма одново и одново нуди неверојатно доживување за публиката, а локациите на концертите дополнително придонесуваат за беспрекорниот впечаток. Можеби во последните неколку години поактуелни стануваат мултимедијалните проекти, затоа што освен музичко овозможуваат и визуелно уживање за публиката.

 

 

Охридско лето: Долгогодишно партнерство се заснова на доверба, разбирање и почит. Фестивалот кој е гордоста на македонската уметност и култура, нешто што трае над  пет децении,секогаш до себе ги има најголемите и најзначајните компании. Ќе продолжите ли заеднички по патот во градењето на иднината на најпрестижната манифестација?

 

Винарска визба „Тиквеш“: Винарската визба „Тиквеш“ има долгорочна стратегија и цврста определба да поддржува вакви манифестации. Тоа се вклопува со вредностите што ги негуваме и нашите напори преку промоција на еден од најпознатите македонски производи – виното да придонесеме кон промоција на целата земја, етаблирајќи ја како производител на врвно вино, но и како туристичка дестинација. Од тој аспект целите и активностите на ВВ „Тиквеш“ и на фестивалот „Охридско лето“ се компатибилни и секако дека и во иднина ќе останеме посветени во оваа област. „Тиквеш“ е бренд  со имиџ и репутација на висок квалитет, а токму таква е и репутацијата на овој фестивал. Оттука, понатамошната соработка во зачувување на реномето и високиот квалитет на манифестацијата се повеќе од извесни.

 

 

Охридско лето: Накусо, за Вашите планови во Новата 2018 година?

 

Винарска визба „Тиквеш“: Секоја година ВВ „Тиквеш“ остварува поголеми успеси во однос на претходната и тоа секако планираме да го повториме во 2018. И следната година ќе продолжиме да воведуваме новини во нашето портфолио, водејќи сметка за барањата и потребите на потрошувачите, претставувајќи им ги последните трендови во индустријата. Ова важи и за пазарите каде што се присутни нашите вина, но и на нови пазари, затоа што пробив на нашите вина во странство е секако дел од долгорочната стратегија за развој на компанијата и понатамошен раст и успех. Ќе продолжиме да ја развиваме винската култура во земјата, како и да ја промовираме Македонија и македонското вино надвор од земјата. Очекуваме и многу награди за нашите вина на реномирани меѓународни вински натпревари со што дополнително ќе го зајакнеме имиџот на „Тиквеш“ и на Македонија како врвен производител на вино.