„Охридско лето“ ја носи куклената претстава „Тоби“ за најмладата публика
Во организација на Националната установа „Охридско лето“, во вторник, на 17 декември со почеток во 12 часот, Театарот за деца и младинци од Скопје ќе ја одигра детската куклена претстава „Тоби“ од авторот Флоријан Зденек.
Претставата наменета за најмладата театарска публика режирана од Драгослав Тодоровиќ го доловува ликот на јазовичарот Тоби кој го минува патот на спознавање на една голема вистина.
-Постои нешто, особено кај младите, што изгледа како непремостива препрека, никако не сте задоволни од сопствениот изглед. Каква тага и горчина … Меѓутоа, ако имате, како јазовичарот Тоби, пријателка како госпоѓата Флора, вие многу брзо ќе ја надминете оваа безмислена грижа. Едноставно, со помош на пријателите ќе се видите себе си од еден сосема друг, среќен агол. Па, вие сте вешти , остроумни , но и многу згодни. И уште нешто, немојте да се китите со туѓи перја. Ќе излезете смешни, вели режисерот Тодоровиќ.
И покрај овој суштински аспект на детската драма, во неа се читаат и откриваат навистина сѐ уште актуелни проблеми кај луѓето: необјаснива желба за промена на сопствениот изглед, дискриминација по најразлични основи, физички, социјални, расни и слично.
-Во секој случај, најважно е, ние самите да бидеме среќни и да бидеме прифатени со она што го носиме, со она што имаме да го понудиме на овој свет, додава Тодоровиќ.
Публиката ќе може да види навистина богати, ведри и духовито дизајнирани кукли кои вешто водени од актерите ќе донесат многу свежина и игра во детските очи.
Луѓето, кои многу искрено ќе го донесат „ Тоби“ на сцената, се: Марија Ѓорѓијоска, Катарина Илиевска Силјановска, Винета Дамческа Мојаноска, Ана Левајковиќ Бошков и Мики Анчевски.
Сценографијата на претставата е на Ирина Сомборац која заедно со Кирил Василев ги изработи и куклите. Изработката на костимите е на Љубица Велкова. Преводот на текстот го направи Драгана Лукан Николоски, а композитор на музиката е Виктор Апостоловски.
Детската куклена претстава „Тоби“ ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Претставата премиерно беше изведена минатата година, а истовремено, ова е нејзина праизведба во Република Северна Македонија.
„Охридско лето“ , како што велат од дирекцијата на оваа национална установа, и во текот на наредната година ќе ја продолжи практиката за збогатување на културната понуда во градот надвор од востановениот фестивалски термин, од 12-ти јули до 20-ти август.