„Охридско лето“ приреди вечер на современи класични композиции со уметниците Богдановиќ и Роланд
Холандско-англискиот виолинист Даниел Роланд и српско-француската виолончелистка Маја Богдановиќ вчеравечер на фестивалот„Охридско лето“ ги споија своите неверојатни енергии и приредија прекрасен концерт за виолина и виолончело.
На репертоарот што се изведе во црквата „Света Софија“ доминираа композитори на класична музика од поновото време како Жебељан, Пјацола, Кодај, Васкс,Солима, Сибелиус и Халворсен.
Фестивалската публика имаше можност да слушне и две нивни премиерни изведби на композиции направени токму за нив.
-Вечерва свиревме дела од Исидора Жебељан, наша драга пријателка која за жал почина млада минатата година и тоа беше голем шок за нас зашто планиравме дупли концерт за виолина и чело, но животот одлучи поинаку. Нејзиниот студент Вељко Ненадиќ направи три минијатури за нас и делото „Интимно писмо од Јудејската пустина“ кое го отствиривме во наш аранжман.Нашиот репертоар за виолина и виолончело не е многу голем, но содржи многу интересни дела. Договараме со композиторите да пишуваат за нас, рече виолончелистката Маја Богдановиќ.
Нејзиниот музички и животен партнер Даниел Роланд на подиумот во „Света Софија“ уште еднаш потврди дека е исклучително комуникативен и харизматичен изведувач на класична музика.
– Мислам дека е неопходно да се создава и нова музика, нови дела. Ни беше голема чест да ги донесеме овде, на овој прекрасен фестивал за кој сум слушал многу од Маја.Многу од овие дела ги снимивме на диск, а моментално го подготвуваме новиот, така што на него ќе се најдат и дел од композициите што ги изведовме на фестивалот „Охридско лето“, рече виолинистот Роланд.
Богдановиќ и Роланд го формираа дуото во 2018 година и оттогаш досега настапуваат на бројни фестивали во Европа, САД и Јужна Америка, освојувајќи ја публиката со нивната страст, нежност и уметнички конципирана програма, како и со нивната иновативност и нагласено чувство за меѓусебно надополнување и музичка комуникација.