„Охридско лето“ вчерва носи концерт на квартетот гитари „Аигета“
Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на квартетот гитари „Аигета“ од Монте Карло.
Во црквата „Света Софија“, во стандардниот фестивалски термин од 21 часот ќе настапат Франсоа Соњи, Александер Дел Фа, Филип Лоли и Оливије Фаутрат.
Гитарскиот квартет „Аигета“ е основан во 1979 година во Монте Карло и првиот јавен настап го има во 1980. Сепак, интернационалната кариера членовите на квартетот ја започнуваат со изведбата на Андалузискиот концерт за четири гитари и оркестар од Родриго со Филхармонискиот оркестар на Монте Карло во 1982. Следат турнеи во Франција, Англија, Италија, Унгарија и Германија како и радио и телевизиски преноси на нивните настапи. Квартетот не бил интересен само поради невообичаениот состав, туку поради посебните звучни квалитети кои ги поседувал. Во 1987 година членовите на „Аигета“ го снимаат првиот албум, а потоа во студио снимаат омаж за Бил Еванс заедно со џез гитаристот Џон Меклофлин, го снимаат комплетниот опус на дела за квартет гитари од Eнтони Бурџес, како и албум со нивните авторски композиции насловен „Акустичен свет“.
За нивниот музички формат и стил добиваат позитивни реакции од некои од најзначајните диригенти и уметници како: Хенрик Шеринг, Ѓорги Цифра и Рикардо Шаји што придонесува кон нивниот континуиран ентузијазам и кон повеќе од 30-годишно посветено концертирање пред различна публика во некои од најпрестижните концертни сали.
Редовни гости се на алтернативните сцени во театрите во Бон, Штутгарт и Луцерн. Фестивалските настапи ги водат во Франција, Италија, Белгија, Шпанија, а особено се значајни нивните гостувања на гитарските фестивали како на пр: фестивалот „Андреас Сеговија“ во Линарес, гитарските фестивали во Барселона и Мурсија во Шпанија, интернационалниот гитарски фестивал во Париз, фестивалот во Бат во Англија, фестивалот „Гитарска пролет“ во Шарлерои во Белгија, како и фестивалите во Рим, Нојтинг и Херсбрук во Германија. Во Дорфен, Германија се добитници на наградата „Златна Соафа 97“ за музички настан на годината.
Квартетот „Аигета“ соработува со музичари и композитори со различни жанровски определби, често изведуваат премиерни дела за ваков состав меѓу нив и два концерти за квартет гитари и оркестар, а стилските определби не ги задржуваат само на класика, туку навлегуваат и во џезот каде имаат поголема слобода за импровизација.