Еден од најбараните млади виолинисти на денешницата, Искандар Виџаја синоќа одржа возбудлив концерт со ориентални звуци.
– Програмата со која настапив е ориентална затоа што и јас самиот сум ориенталец. Мојот чичко е Кинез, колегата перкусионист што исто така настапува вечерва со нас е од Турција. Знаете, татко ми има арапско-германско потекло. Почнавме со кинеска музика, продолживме со арапска музика и завршивме со турска. Имавме еден неповторлив кој и го понудивме на публиката, изјави Виџаја.
За најголемата музичко-сценска манифестација во Македонија и во регионот, фестивалот „Охридско лето“, младиот виолинист слушнал од неговите повозрасни колеги.
– Првпат сум на „Охидско лето“ но сум слушнал претходно за фестивалот.. Последното дело што го отсвиривме синоќа е од Фазил Сај кој настапи на фестивалот лани така што слушнав од него.
Искандар Виџаја е роден во Берлин, започнува да учи виолина на четиригодишна возраст, а дипломира виолина на Универзитетот во Берлин во 2010 година. Соработува со некои од најпознатите диригенти и музичари на денешницата како Зубин Мехта, Кристоф Ешенбах, Роландо Вилазон, Фазил Сај и др., настапувајќи со престижни оркестри меѓу кои: оркестрите во Берлин, Минхенската филхармонија, оркестарот „Тонхале“ во Цирих, Варшавската филхармонија, Радио –симфонискиот оркестар во Виена, како и оркестрите во Франкфурт, Валенсија, Осло, Базел, Хонг Конг, Џакарта и др. Настапите го водат на пет континенти во концертните сали меѓу кои: „Концертхаус“ во Берлин, „Тонхале“ во Цирих, Филхармонијата во Луксембург, операта во Тел Авив и многу други.
Во 2013 година Исканадар настапува на отворањето на Самитот АПЕК, а е претставник на Индонезија на Светскиот настан ЕКСПО во Милано во 2015 година.
Неговото дебитантско ЦД „Бах и блуз“ е промовирано во 2011 година и наидува на одличен прием кај стручната критика. Второто снимено издание со музиката на Бах го реализира со Берлинската камерата во 2014 година, а третото ЦД „Танго фуего“ стигнува на врвот на класичните топ-листи во Германија.
Искандар Виџаја свири на виолина изработена од Жан-Баптист Вијом во 1875 година, а поседува и инструмент Страдивари од 1734 година, кој му е даден на користење од страна на реставраторот на виолини Флоријан Леонард.
Норман Виџаја е роден во музичко семејство, а неговиот талент дошол до израз кога на само 11-годишна возраст диригирал хорски концерт во чест на претседателот Сукарно во Џакарта (Индонезија). Студирал пијано, диригирање и композиција на Колеџот за музика во Берлин, а првиот ангажман го носи во Нирнберг каде во периодот од 1982 до 1990 година диригира преку 400 различни изведби.