Под сводовите на „Света Софија“ одбележани 35 години од постоењето на Камерниот оркестар на МММ
Во релаксиран звучен амбиент, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“ вчеравечер на „Охридско лето“ изведе серија восхитувачки интерпретации на дела од Вивалди, Респиги, Чајковски, Холст, Дворжак, Брамс, Григ, Сарасате, Иванов и Хајдрих.
Импресивното музицирање под сводовите на црквата „Света Софија“, суптилната и прецизна изведба на програмата под диригентската палка на маестро Борјан Цанев се резултат на силниот инспиративен жар, младоста, креативноста, и пред сѐ, на професионалноста на младите високообразувани уметници. Солист на вечерта беше младата флејтистка Богдана Бушевска која ја изведе композицијата „Цигански напеви“ од Пабло де Сарасате.
Со овој традиционален концерт, Камерниот оркестар на МММ одбележа јубилеј, 35 години од своето постоење. Основан е како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година.
-Триесет и пет години, тоа е како да градите куќа и сметате дека се доволни еден или два ката, но со помош на големите млади мајстори, еве стигнавме и до 35-от кат. Камерниот оркестар сега веќе е респектабилен солитер познат во светски рамки, и мислам дека тоа повеќе им значи на тие што досега биле дел од него, а тоа се над 350 музичари. Многу значајни и големи спомени, многу дружења, социјализирање, учење еден од друг, градење кариера…. Голем дел од нив се веќе респектабилни и многу познати македонски музичари, не само овде, во Македонската филхармонија и Националната опера и балет, туку и во странство, истакна претседателот на Музичката младина на Македонија, Александар Герасимовски.
Диригентот на вечерта, Борјан Цанев, рече дека за концертот по повод јубилејот е направена посебна програма што е сублимат на сите изминати години, на сите македонски диригенти кои ги воделе камповите на овој камерен состав во Охрид, почнувајќи од основачот, Фимчо Муратовски, преку неговите студенти, Горјан Коруноски, Саша Николовски- Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, самиот Цанев, Мирослав Спасов, Елена Митревска, Олег Кондратенко….
-Многу бевме мотивирани, и да бидам искрен, срцето е полно со емоции. Се надевам дека ова ќе продолжи и во иднина бидејќи во коренот, во основата е иднината. На овие млади луѓе треба да им се помогне. Како и секогаш, Музичката младина на Македонија е една од ретките којашто го прави тоа, а секако и „Охридско лето“ како институција којашто им дава поддршка за да можат да го реализираат тоа што го планираат, додаде маестро Цанев.
Во знак на благодарност за целокупната поддршка што ја дава Националната установа „Охридско лето“, Музичката младина на Македонија синоќа ѝ врачи плакета на директорката на оваа установа, Наташа Поповиќ.
-Огромно е задоволството да се поттикнат и поддржат младите музичари зашто музиката е живот за уметниците. Поддршката и соработката со Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија траат три и пол децении и се разбира дека ќе продолжат и натаму, рече Поповиќ.
Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа и е составен од студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје, но и гости музичари од други земји. Повеќе од 350 млади музичари биле дел од овој уникатен состав кој низ годините ѝ се наметна на музичката јавност не само како неопходност, туку и како изведувачки состав со високи професионални квалитети.