Во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“, во предворјето на црквата „Света Софија“ синоќа беше отворена изложба на слики под наслов „Бранови и мисли“ од д-р Наташа Попоска Карче.
Промотори на ликовната поставка беа познатиот охридски уметник д-р Драган Спасески Охридски и д-р Иван Заров, историчар на уметност.
Како што истакна Спасески Охридски, Наташа Попоска Карче, она што длабоко го чувствува во себе, нејзиниот однос кон надворешниот свет, го искажува не само преку сопствената работа како стоматолог, туку и преку сопствената креација.
-Јас како промотор на оваа изложба сум со големо очекување дека во иднина уште повеќе ќе го надмине стилот, вештината на изразувањето од таа „ла бравура дел тако“. Суштината на оваа изложба претставува вадење од најдлабоките душевни слоеви на мисли и емоции и преку тоа мајсторство на допир го изразува она што е најсуптилно во неа-нејзините лични ставови за животот, за уметноста, за духовното, истакна д-р Драган Спасески Охридски.
Според д-р Заров, многу е тешко да се прави опис на хабитусот на некој пријател којшто, како што рече, по вокација е стоматолог.
-Јас сум професионален историчар на уметност и за мене понекогаш е хендикеп, историчар на уметност да зборува за свој пријател. Меѓутоа, Наташа има несомнено еден деликатен , сензуален однос кон формата и бојата.Таа прво ја доживува уметноста, а подоцна ја создава. Целиот нејзин буен внатрешен живот го одразува нејзиниот сензибилитет преку форма. Можеби неслучајно е избран овој наслов, „Бранови и мисли“, зашто бранот е синоним на мислата, а чувството е боја, рече Заров.
Д-р Наташа Попоска Карче е родена 1972 година во Охрид. Стоматолог по професија, од 2013 година, почнува да го моделира и создава својот ликовен и интимен сензибилитет создаваќи реални но и имагинарни пејзажи кои го отсликуваат нејзиниот динамичен и исполнет живот.
-Среќна сум што ве има во толкав број на отворањето на мојата самостојна изложба. Се чувствувам прекрасно и возвишено оваа вечер. Некои од вас ме познаваат, некои можеби не, и сите се прашувате како сум почнала да сликам. Можеби некој добар демон живее и дејствува преку мене, не знам, но сликам затоа што сакам. Го сликам тоа што го чувствувам, и навистина уживам во тоа. Мојата порака вечерва ќе ви ја преточам во бранови и мисли зашто мислата е бран. Ако успеам по неколку дена некој да се сети на моите дела или на некој мал детаљ, и ако упее во него да разбуди чувство и да нурне длабоко во себе и да ги открие убавите нешта што сите ние ги имаме во нас, тогаш сме ја постигнале целта, им се обрати д-р Попоска Карче на посетителите на изложбата.
Позади Наташа Попоска Карче стојат самостојната изложба во Охрид на Терасата во Аквариус во 2016 година, а во јули 2017 година, со свои дела учествува на традиционалната манифестација „На зајдисонце“ што се одржува во Трпејца .