Со огромно жалење Охридско лето изразува сочувство до фамилијата, пријателите, колегите…
Искрено жалиме што заминува уште еден голем голем човек кој со своите дела остави неизбришливи траги во историјата на македонската културна сцена.
Посветен и вљубен во се она што го правеше за културата, за театарот, за филмот, професионалец но и голем човек, остави зад себе вредни дела издигнувајќи ја уметноста како на домашната така и на светската сцена. Дела кои ќе останат во вечната светлина на безвременоста.
Беше пример за вреден, професионален, пожртвуван и способен. Културната и македонската јавност ќе го памети по добрите дела затоа што само тие остануваат како вреден спомен на големите луѓе кои прерано заминуваат.
Огромна и вечна ќе биде благодарноста за неговиот придонес во развојот на македонската културна афирмација. Токму тоа ќе остане како сведоштво за неговата големина.
Чувствуваме гордост и чест што бевме пријатели со личност ценет меѓу сите нас, доверлив а пред се добронамерен како за оние од светот на уметноста така и за сите останати.
На сцената на Охридско лето создаде совршен остров за одмор на душата преку проектот „Парче душа“ што го изведе во рамки на фестивалската програма.
Во сеќавање на бројни љубители на уметноста ќе остане прекрасниот амбиент во предворјето на црквата „Света Софија“ каде актерот и носител на проектот Тодоровски-Упа заедно со неговите пријатели и соработници, актерите Гордана Ендроска и Симеон Дамевски, Симон Трпчески како и кавалџијата Сашо Митев, поттикнаа чувства, спокојство, мир, и ја оддалечија за миг од секојдневните грижи. Како поддржувач и вљубеник на делото на Блаже Конески секогаш говореше дека тој е еден од ретките кои допреле до корените на чувствата и му помага на човекот да дојде до многу едноставни, а сепак, големи сознанија.
„Јас и моите пријатели му оддадовме почит на великанот наш и темелот наш, Блаже Конески, за којшто јас, упорно, дваесеттина години го говорам односно го рецитирам овој проект како сценски приказ. И не случајно е даден назив „Парче душа“, јасно е зошто е парче душа. „Охридско лето“ е на висина на задачата, па првпат од нашата македонска независност, официјално или службено е прифатено рецитирањето на еден национален фестивал“, рече по настанот Тодоровски –Упа.
Беше голем човек токму поради неговите убедувања кои често потврдуваа дека единствено преку едноставноста може да се приближи поезијата до луѓето и како што појаснуваше, токму Блаже Конески е поет на мудроста, на големиот и убав македонски збор, и пред се’, на едноставноста.
„Секогаш кога не ќе сум можел да се изразам себе си – сум го говорел него. Го мислам и ќе го имам до – секогаш. Како дел од мене. Затоа што како и секој гениј, неговото дело го доживуваме како да се однесува за нас лично. Зашто тој спаѓа во ретките благословени од боговите кои ги допреле корените на чувствата, ги сфатиле длабочините на душата и кои ни помагаат да дојдеме до толку едноставни а големи сознанија, затоа што ни предочуваат прекрасните созерцанија на животот и човекот. Пред се’, нашиот, македонскиот човек. Затоа е Блаже и сечовечки – оти е најпрво свој, наш“, истакнуваше актерот Упа.
Љупчо Тодоровски –Упа покрај со актерство, се занимаваше и со театарска режија, филмска и ТВ продукција и пишување сценарија. Глумел на осум јазици во над 30 филмови и ТВ серии, има петнаесетина театарски режии, десетици и десетици улоги во проекти и театарски куќи низ цела поранешна Југославија, како и безброј разни други сценски настапи. Воден од творечкиот немир на двапати по десетина години работеше во Белград и Љубљана. Сѐ до денес успеа да опстане како слободен уметник и да го задржи привидот на поголема лична и творечка слобода.
Нека му е вечна слава, неговиот спомен засекогаш ќе остане во фестивалската историја на Охридско лето !