Познатиот уметник Драган Спасески Охридски одбележува три децении од неговата прва самостојна изложба
„Спокоен сум ко врвот… Не прашувам зошто сум се извишил“ е насловот на мултимедијалниот проект на познатиот уметник Драган Спасески Охридски којшто заедно со пресекот од неговите најзначајни ликовни и поетски дела ќе биде промовиран во рамките на дополнителната програма на фестивалот „Охридско лето“, утревечер, со почеток во 21 часот во катедралната црква „Света Софија“.
Спасески Охридски одбележува три децении од неговата прва самостојна изложба што се случи во 1989 година кога всушност тој го направи и првиот мултимедијален проект во нашата држава, насловен како „Апокалиптичен нарцис“.
-Оваа година славам 30 години творештво. Насловот на овој мултимедијален проект е „Спокоен сум ко врвот… Не прашувам зошто сум се извишил“. Проектот се состои од два дела, едниот дел е промоција на книга со истиот наслов„Спокоен сум ко врвот…Не прашувам зошто сум се извишил“ и пресек од досегашното творештво ќе биде презентиран во катедралната црква „Света Софија“. Промотор ќе биде проф.д-р Кристина Николовска, а стихови ќе чита актерот Димитрие Доксевски. Другиот дел ќе се одвива на терасата „Аквариус“ каде што исто така ќе биде презентирано дел од моето творештво, „Охридските ангели“, компјутерска графика.Гости ќе бидат „Кукузел“, млади уметници кои се занимаваат со музика, најави уметникот Драган Спасески Охридски.
По повод тридецениот творечки јубилеј на Драган Спасески Охридски, градоначалникот на Охрид, кој е колега, но пред се’, и пријател на Спасески, вели дека големо богатство е Охрид да има ваков сестран интелект каков што е токму Спасески Охридски.
-Со Драган Спасески Охридски сме пријатели и колеги повеќе од две децении. Сакам да му честитам за 30-годишниот јубилеј на едно извонредно творештво на повеќе полиња и да му се заблагодарам за сите совети и патишта на кои ме насочил во животот. Како градоначалник на Охрид, би истакнал дека вистинско богатство е да имаме еден ваков сестран интелект во градот,а потоа и доктор, и уметник, и пред се’, човек. Сум ги посетил повеќето негови изложби, а со нетпрпение очекувам да ја погледнам и последната изложба, вели Георгиески.
Драган Спасески Охридски е роден 1960 година и по професија е доктор-специјалист ортопедски хирург.
Досега ги реализирал следните мултимедијални проекти:„Апокалиптичен нарцис“ (1989 год.), „Сѐ трепери (1996 год), „Блиску до сонцето и љубовта мракот помалку боли“ (1999 год), „Вибрација, креација, совршена релација“ (2001), „Охридски ангели“ (2003), „Погледни во себе“ (2004), „Трите точки“ (2008), „Охридски бисери на мудроста“ (2010), „Битолска трилогија“ (2011), „Човек е трепет …и ангелот трепет е …а ти Боже мој…“ (2017 год.), Скоро сите мултимедијални проекти се составени од изложби на ликовни дела и промоција на книги – поезија со истоимениот наслов како мултимедијалниот проект, а некои се проследени и со архитектонски ентериерни креации.
Спасески Охридски е голем презентер на македонската уметност надвор од границите на земјава.